Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вечерва во Ватикан, по повод централното одбележување на јубилејот пет години канонизација на Мајка Тереза, што за прв пат е во заедничка организација на Министерството за надворешни работи и Светата Столица, ја отвори изложбата „Мајка Тереза – од девојка од Скопје до Светица“.
Денеска, кога ја празнуваме оваа светица, ние се потсетуваме и на нејзиното наследство, на нејзиниот завет. И овој денешен настан, е дел од исполнувањето на заветот. Мајка Тереза е и Нобеловка и светица – може ли да се постигне повеќе во еден кус човечки век?! A секогаш ќе остане Мајка на сиромашните, страдалниците и безнадежните. За многумина, таа беше единствената искра надеж. Со редот на милосрдието, Мајка Тереза спасуваше безбројни животи, враќајќи им ја стрдалниците на човечкото достоинство, будејќи ја, истовремено, секогаш на дремка подготвената совест на Човештвото. Таа постојано потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување, за топол човечки збор. Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици, истакна Османи.
Говорејќи пред присутните гости, за животот и делото на Мајка Тереза, Османи дополни дека младата Гонџа растела опкружена со сета етничка, верска, јазична и културна различност на Скопје, меѓу католичка и православна црква, муслиманска џамија и еврејска синагога. Таа ги имаше прегрнато вредностите на нашиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа, често велела: „Ако не беше Скопје, ќе ме немаше и мене“. Скопје, со сета своја различност ја имаше подготвено младата Гонџа за големите различности и предизвици што ги сретна во Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.