Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на основачкиот Самит на Кримската платформа, што се одржа во Киев, Украина.

Како што соопштија од МНР, на настанот присуствувале повеќе од четириесет земји на високо и највисоко ниво, меѓу кои голем број земји членки на ЕУ и НАТО, како и високи претставници на меѓународни организации.

Османи во своето обраќање ја реафирмирал недвосмислената поддршка на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.

Република C. Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации – истакнал Османи.

Во рамки на настанот, била усвоена заедничка декларација на учесниците на меѓународната платформа за Крим, на која се придружи и Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.