Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во обраќањето на меѓународната научна конференција на тема „Балканот меѓу европската интеграција и регионалната соработка“, изјави дека целосната интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ е најрационалното и најлогичното сценарио, што ќе биде во функција на создавање на Унија која ќе егзистира обединета, просперитетна и во мир.

Во обраќањето на конференцијата, организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Османи се осврна на процесите на евроинтеграција и регионална соработка, оценувајќи ги како наша стратешка определба и избор за иднината.

Западен Балкан или како што повеќе сакам да го именувам, Југоисточна Европа не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа. Сите наши врски, сите наши патишта се вкрстуваат со ЕУ. Процесот на евроинтеграција и процесот на регионална соработка се комплементарни и водат кон истата цел, членство во ЕУ на овој регион – изјави Османи.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на настанот, покрај шефот на дипломатија, се обратиле и многубројни претставници на академската фела од земјата и странство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.