Од Софија по изборите доаѓа најава за еден порационален пристап дека фокусот на односите меѓу двете земји треба да биде на сегашноста и иднината, а помалку на минатото, а тоа е и решението за разликите, истакна денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференциајта во Скопје со австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи, Михаeл Линхарт.

– Јас не би влегол во толкување на ставот на лидерот на победничката партија во Република Бугарија, меѓутоа мислам дека целиот тон оди во еден порационален пристап, дека сепак фокусот на односите со Република Бугарија треба да биде за сегашноста и за иднината, а помалку за минатото. И мислам дека тоа е решението и на разликите и доколку само го менуваме пристапот во тој правец, леќата да ја свртиме кон сегашноста и иднината ќе видиме дека сите прашања се лесно надминливи и ќе можеме да почнеме заеднички да се движиме кон едно трајно, одржливо добрососедство и заедничка европска перспектива, но и перспектива во Сојузот на НАТО во којшто сме заедно, рече Османи на новинарско прашање во однос на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања и најавите од најверојатниот иден мандатар за состав на новата бугарска блада, Кирил Петков разговорите да се прошират не само на историски, туку и на теми за економијата, инфраструктурата…   

Во однос на тоа кога ќе се официјализира името на новиот претставник во Историската комисија по заминувањето на проф. Ванчо Ѓорѓиев, Османи рече дека тој нема да го искористи правото самиот да предложи член, туку дека веќе ги известил во Комисијката дека очекува тие да номинираат член од профил за кој сметаат дека им е најпотребен.  

– Иако тоа е право на МНР и на министерот да предложи до Владата, јас донесов одлука дека тоа мое право го предавам на Комисијата и очекувам Комисијата да предложи име за кое што тие сметаат дека им е потребно во Комисијата и како експертиза, како област на експертиза, како профил итн. Така што, тоа и е пренесено на Комисијата дека тоа мое право го предавам на претседателот на Комисијата, на останатите членови на Комисијата и тоа име што тие ќе ми го дадат тоа име ќе го предложам на Владата. Очекувам тие овие денови да ми предложат сепак некое лице, тие подобро ги познаваат луѓето од фелата и тоа што кажувам цело време – најдобро знаат од која историска област им фали експерт и веројатно сега имаат и повеќе искуство. На почетокот беа сите назначени наеднаш без да се знае каков ќе биде текот на работата, мислам дека ова е најдобра можност сепак да рефлектираат од Комисијата кој тип, кој профил на експерт им треба, а јас ќе го прифатам без воопшто да направам контрола на предлогот што ќе го даде Комисијата, вели министерот Османи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.