Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, на која, како што соопшти МНР, ја брифирал за најновите политички актуелности, со посебен фокус на активностите поврзани со европската перспектива на земјава во периодот што следи.

Соговорниците ги оценија билатералните односи меѓу двете земји како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешкото партнерство и членството во НАТО. Беше искажан заемен интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка – информираат од МНР.

Во соопштението се наведува дека на средбата било изразено задоволство од континуираната и клучна поддршка што САД ја даваат на Република Македонија во насока на остварување на нејзините стратешки надворешно политички аспирации.

Притоа Османи ја нагласи исклучително важната улога на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на регионот – велат од МНР.

Во текот на разговорот Османи и се заблагодарил на Брнз за помошта од САД во борбата против пандемијата со Ковид-19, како и во битката со актуелните шумски пожари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.