Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, на средбата со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, порачал дека Бугарија останува отворена за прагматичен и отворен дијалог со Република Македонија, којшто ќе ја обнови довербата меѓу двете држави и ќе ја активира билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Во рамки на разговорот беше потврдена бугарската национална позиција, дека одржувањето на добрососедски односи и добивањето на неопходните гаранции во рамките на процесот на проширвање за исполнување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји од 2017 година, остануваат главен приоритет на Бугарија – се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Османи го поздравил прагматичниот пристап на техничката Влада на Бугарија за враќање на довербата меѓу двете држави и изјавил дека очекува скорешна средба со бугарскиот министер за надворешни работи Стефан Стоев.

Двајцата соговорници го поздравиле заедничкото патување на шефовите на државите на Бугарија и Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски, кои заедно ќе оддадат почит пред делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.