Орхан Алити, еден од седумтемина преживеани во трагичната несреќа во Бугарија, успеал да го скрши задното стакло на автобусот и да скокне. Но, за жал не успеал да го спаси и својот 23-годишен син Висар. Орхан во ексклузивна изјава за „Слободен печат“ од софиската болница „Пирогов“ вели дека е во добра здравствена состојба и дека се уште не може да поверува како толку брзо се случила трагедијата.
„Во добра здравствена состојба сум. Првиот ден ми беше извршена интервенција на десната нога. Вчера имав операција на грбот и сега сум подобро. Денеска направив уште една радиографија и мислам дека до вторник ќе излезам од болница, но лекарите не ми кажаа точен ден“, вели Орхан за „Слободен печат“.
Тој за „Слободен печат“ ја опишува ужасната трагедија во која животот го загубија 44 луѓе.
– Последен пат кога тргнавме од Истанбул бевме во трговскиот центар „212“, а водичот Мусин Широки рече дека во 15:45 часот ќе бидеме во автобусот и ќе тргнеме за Македонија. Тргнавме оттаму во 17 часот. Пред да тргнаме разговарав со чичко Хамди од Студеничани, испушивме цигара. Тој ми рече дека на првата десна гума забележал дека нешто тече. Отидовме и видовме со светло на телефонот, изгледаше како дупка под гумата. Му реков на чичко Хамди дека можно е да е глицерин, но дека не е ништо страшно, бидејќи во моментот ништо не капеше. По 10 или 15 минути се качивме во автобус, тргнавме најдобро што можевме, стигнавме до границата со Бугарија. Откако ја поминавме бугарската граница, по 20 метри застанавме да јадеме и пиеме, направивме пауза и повторно тргнавме. По два часа возење од тука се случи трагедијата, раскажува Орхан.
Тој вели дека во моментот на несреќата бил буден и видел дека автобусот удрил во бариерата.
– Мислев дека возачот заспал и дека затоа му побегна воланот и се удри, но во исто време избувна пожар и тоа не ми изгледаше нормално. Автобусот застана малку, потоа пак продолжи да се движи, но пак имаше пламен, се сеќава Орхан.
„Сите луѓе ги фати паника и никој не знаеше што да рече. Во тој момент човекот многу брзо размислува, а ако автобусот го фати пожар, вратите не се отвораат. И во тој момент помислив да скокнам со двете нозе да го скршам задното стакло, но првиот обид ми беше неуспешен. Вториот пат скокнавме пак со двете нозе јас и Љуљзим од Прешево, и во тој момент успеавме да излеземе надвор од автобусот. Мислев само на тоа да станам и да ги повикам другите да излезат од прозерецот од кајшто излеговме ние. Но кога се обидов да станам, видов дека половината ми е скршена, не можев да се исправам. Имав и скршеница на ногата. Кога се видов на асфалтот од спротивната страна, помислив дека ако дојде автомобил од спротивната страна, може да настрадам уште полошо. Се вртев, преминав на другата страна на патот и почнав да викам по син ми Висар, викав колку што можев погласно, затоа што мислев дека и тој скокнал зад мене, но Висар не одговори. За жал, и тој заврши трагично“, рече Орхан низ солзи.
Тој вели дека експлозијата се случила толку брзо што не може да ја опише. Кога веќе бевме надвор, видов дека автобусот и одзади го зафати пламенот, додава Орхан.
„Видов некои луѓе дека скокнаа зад менде. Јас и Љуљзим први се спасивме, го слушнав Љуљзим како вика по сопругата Медина. Се обидов да станам на нозе, но не можев. Видов дека после нас излегоа и некои патници од Долно Количане, Зулихај, 17-годишната девојка, таа плачеше многу. Потоа помина друг автобус на Беса транс, од Тетово ми се чини беше, и патниците застанаа да ни помогнат. Автобусот застана веројатно по 20 минути. Ни помогнаа да побегнеме од местото каде што беше автобусот бидејќи мислевме дека може да има нова експлозија“, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.