Секторот за комунални дејности и заштита на животната средина и природата на Општина Тетово, заедно со Општинскиот инспекторат, покренаа активности за ослободување на јавните површини и тротоарите околу зелениот пазар. Иако во Тетово четврток се смета како официјален пазарен ден, тетовскиот зелен пазар секој ден е полн со пазарџии од кои десетици распостелени на тротоарите околу пазарот продаваат сè и сешто, земјоделски и прехранбени производи, цигари, галантерија, облека, цвеќе…

Минатата општинска власт неколку пати се обиде да воспостави ред на зелениот пазар, но тие мерки се почитуваа многу кратко време па околу пазарот беше навистина тешко да се минува, пишува „СДК.мк“.

Ваквата акција на инспекторатот доаѓа како резултат на блокирањето на тротоарите околу пазарот, кои го попречуваат слободното движење на граѓаните и поради нелојалната конкуренција. Внатре во „Зелен пазар“ има 120 слободни тезги, па ги замолуваме сите продавачи својата дејност да ја вршат согласно законот. Исто така, општинскиот инспекторат бара од дивите продавачи, почнувајќи од денеска до недела да ја отстранат својата стока од јавните површини, во спротивно ќе се соочат со законот – се вели во соопштението на Општина Тетово.

Тетовските пазарџии кои своите производи ги продаваат на тротоарите околу пазарот се револтирани од оваа одлука. Велат тоа што им го нудат како слободен простор внатре во пазарот не ги задоволува нивните потреби и е несоодветен за таа намена.

Беа неколку инспектори и ни рекоа дека од наредниот понеделник не ќе можеме да продаваме на тротоарите. Ние овде што продаваме не сме против да влеземе внатре во пазарот, па и да плаќаме такса, но за тоа треба да се создадат услови. Местото каде што сакаат да нé сместат е во зафрлениот дел од пазарот, прокиснува кога врне дожд и ако веќе сакаат да плаќаме такса нека ни обезбедат и паркинг каде ќе може да дојдеме со возило и да ја донесеме стоката што ја продаваме. Јас вака продавам веќе 20 години, секој ден и лете и зима и знам дека ако се спроведе оваа мерка ќе биде многу лошо и за мене, а и за сите овие кои вака продаваат. Еве идат новогодишните празници, ако нé пикнат внатре во пазарот, верувајте ништо нема да продадеме. Од што ќе живееме понатаму, не знам – вели пазарџијата Томе Крстоски.

Овие пазарџии сакаат во четврток, кога е пазарен ден, да се соберат во што поголем број и да побараат средба со градоначалникот на Општина Тетово за уште еднаш да му ја објаснат состојбата во која се наоѓаат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.