Локалната самоуправа на Кочани издвои два милиони денари од сопствената сметка, како почетна помош за граѓаните чии објекти и друг имот се оштетени од пожарот.

Едногласна одлука за пренамена на средствата во буџетот Советот на Општината ја донесе на вонредна седница, на која беше формирана и стручна комисија за проценка на штетите од огнената стихија.

Со оглед на итноста на одлуката, ги зголемуваме средствата определени со програмата на Советот за постојани резерви, при што се прави привремено намалување во делот наменет за уредување на градежното земјиште. Се работи за првично надоместување на штетите што ќе ги утврди комисијата за проценка, а ќе се бара дополнителна финансиска помош од државниот буџет – соопшти Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Од пожарот во западниот дел на Кочани настрадаа куќи и помошни објекти во Белско Маало, како и штали со крупен добиток и живина, во кои настрада дел од добитокот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.