Дали во август ќе добиеме нова македонска влада? Кој ќе ја состави и предводи? Дали ќе успее обидот за пуч во ВМРО ДПМНЕ? Дали Зоран Заев заминува трајно од политиката? Ќе има ли реформи во судството и обвинителството и кои ќе бидат последиците? Ќе има ли пари за пензии, плати и опстанок на малите компании на есен?, анализира Вечер.мк
Ова се прашања кои ја мачат нацијата, а ние ќе понудиме одговори на нив, пишува Вечер.мк.
За мандат:
Резултатите од изборите се познати, на двете политички страни гласовите за мандат се израмнети: СДСМ со Беса има 46 пратеници (42+4), ВМРО ДПМНЕ со поддршка од Левица, која подршката ќе ја даде но, нема намера да влезе во новата влада, исто така има 46 пратеници (44+2). Ова значи дека никој нема предност за добивање мандат од претседателот Пендаровски ако, претходно, со некоја од албанските партии не обезбеди најмалку 61 потпис за поддршка. Преговорите се во тек.
Кој е поблиску до влада:
Иако бројот на пратеници со досегашна поддршка во стартот е ист, шансите за состав на новата влада се различни. Она што го знаеме е дека ДУИ е поблиску до коалиција со ВМРО ДПМНЕ отколку со СДСМ. Причините се политички но, и лични.
СДСМ им одземаше гласачи и со албанските гласови вршеше обид за уривање на ДУИ и Алијасната на Села што е темелна политичка закана за нив. Без доминација врз албанските гласови ДУИ и Алијансата немаат причина за постоење, ниту влијание. Од овие избори, па натаму, СДСМ нема да може да ги урува на тој начин, а партијата на Заев поради албанизација загуби гласови меѓу Македонците, Србите, Турците, Бошњаците…
Личните причини на ДУИ се длабоки и не се простуваат. Со години функционери на СДСМ продаваат нивни приватни телефонски разговори по Македонија и Косово, а Зоран Заев и неговите соработници дозволуваа и поттикнуваа нивно објавување за да го држат ДУИ во страв и под контрола. Само во СДСМ ги имаа разговорите. Таа валкана политика има и своја цена, а денот на наплата е дојден.
Но, освен оваа, постои и можност за широка влада. Шансите за составување влада се следни: 40% шанса за составување влада има ВМРО ДПМНЕ, 40% да биде широка влада и 20% владата да ја состави СДСМ. Доколку ВМРО со ДУИ состави влада очекувано е дека премиер нема да биде Насер Зибери, но за таква комбинација и ВМРО ДПМНЕ ќе мора да ја плати цената од своја страна во смисол на мандати и кадровски решенија.
Доколку СДСМ успее со своите 20% шанси да состави влада со ДУИ премиер ќе биде Насер Зибери. Во таков случај Беса станува маргинална сателитска партија и до локалните избори ќе го загубат гласачкото тело. СДСМ би продолжиле со сопствена албанизација на сметка на земање гласачи од Беса и Алијансата и, секако од ДУИ, а локалните избори се веќе догодина, па штетата ќе им се случи онаму каде што најмногу имаат интерес.
Зошто широка влада има големи шанси
На овие парламентарни избори најголемо влијание има од Брисел, пред се од Германија и Франција. Влијанието на САД, стандардно најголемо кога е Македонија во прашање, во оваа прилика е помало затоа што САД го потрошија кај Германците и Французите својот балкански кредит по смената на владата во Косово.
Според наши сознанија, Заев и Шеќеринска тоа доцна го разбрале. Од денес, па наназад месец-два, има серија средби помеѓу битните европски амбасадори, Зоран и Вице Заеви како и неколку функционери на СДСМ на кои им е објаснето дека Зоран Заев и неговата фамилија мора да заминат од политиката, без оглед на резултатот на изборите, пред се заради огромен степен на корупција и злоупотреба на обвинителството и судството.
Според Брисел, широка влада се подразбира помеѓу ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, Алијанса со Алтернатива и Беса, а во опозиција би останале ДУИ и Левица. Владата е планирана за цел мандат, а премиери би се менувале на година или две од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. За Брисел, прифататливо е премиер од СДСМ да биде поранешниот вмровец Никола Димитров, Од ВМРО прифатлив е Христијан Мицкоски.
Заев го знае ова, побарал да остане во политиката откако ќе даде оставка на позција шеф на партија и да биде министер за финансии. Одбиен е. Буквално му е речено дека ризикува целосен распад на империјата Заеви и отварање низа судски процеси против него и неговите блиски во фамилијата кои се вклучени во големите корупции. Останува Зоран Заев да одлучи дали ќе го прифати ризикот.
Широката влада на ЕУ и е потребна заради почеток на преговорите за што датум се очекува во првиот квартал по Нова година. Без поделба во политиката и општеството полесен е процесот на почнување преговори како и реформи во судството и обвинителството кои би морале да ги спроведуваат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ заедно. Според Бриесл, широката влада би имала и повеќе шанси за справување со економската криза која следи, иако ова последново е прилично дискутабилно.
Оваа опција има барем за промил најголема шанса за реализација, освен ако не дојде до брз и конкретен договор помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ за коалиција и нова влада што, од своја страна, е најдобро решение за справување со економската криза во најава.
Дали ќе успее обидот за пуч во ВМРО ДПМНЕ?
Пред да се добие одговорот битно е да се знае кој и зошто сака преврат, пуч во ВМРО ДПМНЕ?
Прв кој побара смена на Христијан Мицкоски од шеф на ВМРО ДПМНЕ и пред, а и вечерта непосредно по изборите, беше шефот на СДСМ Зоран Заев. Потоа следеа поранешните министри во владите на ВМРО ДПМНЕ Никола Поповски и Никола Тодоров, поранешниот директор на државната безбедност Сашо Мијалков и пратеничката Даниела Рангелова.
Патем, оставка побараа и некои поранешни пратеници на ВМРО ДПМНЕ кои соработуваа со Зоран Заев и СДСМ околу гласањето за уставни измени, и Македонија.
Ако се погледне хронолошки, барем две години наназад, сите наведени се поврзуваа за блиски релации со Зоран Заев и СДСМ, и нивната автентичност по ова прашање е спорна. Малкумина во ВМРО ДПМНЕ, од општинските организации па се до врвот ќе поверуваат дека се тие загрижени за партијата, а многу повеќе дека се појавија после повикот на Зоран Заев за уривање на раководтсвото на ВМРО ДПМНЕ.
Ниту еден општински комитет, ниту член на Извршниот или Централниот комитет не побара оставка од раководтсвото на ВМРО ДПМНЕ. Напротив. Мицкоски и раководството извршија брза промена на Статутот на партијата, општинските комитети добија многу поголеми овластувања и самостојност, а свое место добија и ветераните и интелектуалците од партијата. Укината е функцијата почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ, а со тоа и сегашниот формален почесен статус на Никола Груевски во ВМРО.
Ова е исклучително битен чекор. За македонските и балкански партии тоа е револуционерен чин на партиска демократија. Досега, и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и најголем број од моќните балкански партии работеа така што шефовите избираа општински организации а потоа, нормално, тие ги избираа нив без право на свој глас и одлуки. Со ова Мицкоски покажа дека нема страв од преврат, дека има доверба во базата, им даде најголем степен слобода и овластувања, и сега секој може да тргне во смена на претседателот на партијата ако за тоа има аргументи и поддржувачи.
А базата беше сведок како се случуваа овие избори, колку гласови СДСМ купил и колку вршел притисок. И која е реалната состојба. Таквите изборни поткупи од партиите на власт може да се сопрат и решат само во соработка со меѓународната зедница која ќе ги казни сторителите со политичка изолација, смена и ќе поттикне кривични и судски процеси против сето тоа. Тоа е само една од причините зошто Заев мора да замине.
Наведената група сака смена на Мицкоски сега, пред тој да преговара за влада предводена од ВМРО ДПМНЕ или широка влада, за да изврши притисок, да предизвика внатрешен бунт за Мицкоски да не успее да договори влез во власта за ВМРО ДПМНЕ. А, ако Мицкоски не успее, сосема е логичен резултатот – после бунтот во ВМРО ДПМНЕ власта повторно ќе ја има – СДСМ. И, тука се затвара кругот на прашањето кои се мотивите за барање смена на Мицкоски и бунт во партијата, особено сега пред и за време на преговори.
Мицкоски соработува со меѓународниот фактор и ЕУ во интерес на партијата. Ги прима и применува забелешките кои се на место. Наскоро може да се очекува и промена на партиското седиште и неколку кадровски смени со цел партијата да биде поблиску до ЕУ, до потребите на своите членови, и со помали обврски.
Дали Зоран Заев заминува трајно од политиката
Само чудо, и голем износ на пари, може да го спаси Зоран Заев од политичка пензија. Тој веќе долго има бунт во партијата, пред се меѓу скопските видни членови и припадниците на шарената револуција заради екстремната корупција, приватизирање на партијата и политички одлуки кои се на штета на националните интереси. Досега, тоа се подмачкуваше и замачкуваше со поткуп, давање пари од буџетот за бунџиите по разни основи. Отсега, тоа ќе биде многу тешко, речиси невозможно.
Спомнавме веќе дека неколку европски амбасадори упатиле лична препорака за негово повлекување, во спротивно ризикува слобода и губење на голем дел од богатството. Зоран Заев би се повлекол, но блиски од неговата фамилија и неколумина тендераши кои заработуваат преку него го убедуваат да остане на чело на партијата, да плати колку што треба за купување пратеници, и да формира влада за да можат бизнисите и корупцијата да се тераат и понатаму. На Зоран Заев му гори под нозете, најави две недели одмор но, после само два дена се фрли на работа: бара поддршка од Косово и Албанија за притисок врз ДУИ да коалицираат со СДСМ, но одбиен е.
Така стојат работите деновиве. Изненадувања се секогаш можни но, оној кој ќе се впушти во авантура да биде фактор на изненадување ризикува многу. За почеток, ќе заврши со својата политичка кариера, а потоа следат другите фактури. Вака или онака следат реформи во судството и обвинителтсвото, а она што се очекува е храбро постапување кон корупцијата и злоупотребите на судскиот систем од страна на власта.
И ЕУ и САД се загрижени заради енормниот степен на корупција и манипулација со судскиот систем, а тоа може да го врши само некој што е власт во последниве три години.
Извор: Вечер.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.