Околу 30 000 граѓани веќе ја пополниле Апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против ковид-19 на веб-страницата „Vakcinacija.mk“.
Веб-страница „Vakcinacija.mk“ завчера беше пуштена во употреба и преку неа граѓаните може да се пријават дека сакаат да се вакцинираат. Секој граѓанин кој ќе ја пополни апликацијата, се регистрира во електронскиот систем „Мој Термин“, а матичниот лекар ќе може да го види податокот за пациентот.
Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем „Мој Термин“ согласно со фазите кои ги содржи Националниот план за Ковид-вакцинација.
Вакцинацијата против корона вирусот ќе се спроведува исклучиво преку предвидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението. Процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата – соопштија од министерството за здравство.
Како што посочуваат од Министерството, во првата фаза е предвидено да се вакцинираат здравствените работници кои работат со ковид-пациенти во болнички услови и се изложени на многу висок ризик од инфекцијата, а во оваа фаза се и следните приоритетни групи за вакцинирање: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.