Бараме од Јавното Обвинителство Битола по допрен глас, да отвори случај за кривична одговорност за директорката на НУ Завод и Музеј Битола, за злоупотреба на службената положба и загрозување на културното наследство, бараат од ОК ВМРО ДПМНЕ-Битола.

Почитувани,
Институциите од областа на културата, иако се под директна надлежност на Министерството за култура, не може а да не нѐ обврзат сите нас да се грижиме за нивното работење и за заштитата на нашето културно наледство. За жал, во Националната установа Завод и музеј Битола, директорката Мери Стојанова, потпомогната и поддржана од Градоначалничката Наташа Петровска и Министерката Ирена Стефоска, си ја приватизира институцијата и континуирано ѝ нанесува штета на истата, заради остварување на лични финансиски добивки.
Овој пат бараме од Јавното Обвинителство Битола, по допрен глас, да отвори случај за кривична одговорност за директорката на НУ Завод и музеј Битола, за злоупотреба на службената положба и загрозување на културното наследство за следново:
Пред неколку денови директорката Мери Стојанова го ангажирала со договор на дело својот син, заедно со неколку негови другари, да изврши откривање на мозаиците во локалитетот Хераклеа, што било извршено надвор од стручен надзор и надвор од оперативен распоред за работа. Директорката, поучена од претходните практики во музејот за ангажирање на работници за физичко отстранување на заштитниот слој, не можела да дочека да го ангажира синот и неговите другари, буквално да копаат по мозаиците. Официјалното откривање на мозаиците требало да започне на 1 јуни, но директорката, без да ги почитува насоките од стручните кадри и плановите за работа кои гарантираат следење на професионални постапки и методи, самоуверено и нестручно си постапила по свое. Самоволието одело дотаму што при нестручното отскривање на мозаиците направени се оштетувања кои може да се видат на приложените фотографии и секако на лице место во локалитетот. Се работи за грубо оштетување, откорнување на големи делови од мозаиците. За истото ќе биде известено и Министерството за култура кое исто така треба да побара одговорност од Стојанова, но ќе биде известена и Europa Nostra.
Вработените, битолската јавност и ние како опозициска партија чии укажувања се запоставувани и прикривани, се прашуваме: како може со толкава неодговорност и дрскост да се раководи една Национална установа, но и кој и заради какви интереси ја штити и покрива директорката?
Бараме одговорност и ги повикуваме институциите професионално да си ги спроведуваат надлежностите!
Комисија за култура ОК ВМРО ДПМНЕ – Битола, напишаа на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.