Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги отфрли кривичните пријави на ВМРО-ДПМНЕ и Левица против претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, кои беа позитивни на ковид-19, но дојдоа во парламентот со своите гласови да обезбедат мнозинство за носење на економскиот антикризен пакет мерки.
Двете опозициски партии ги пријавија за делата непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и за пренесување заразна болест, а од Обвинителството велат дека тоа не се кривични дека што се гонат по службена должност. ОЈО Скопје утврдило и дека протоколите од Комисијата за заразни болести биле испочитувани и спикерот и двајцата пратеници не прекршиле ниту еден пропис.
„На седниците присуствувале двајцата пријавени пратеници, кои во тој момент биле позитивни на ковид-19, имале решенија за изолација и биле во домашна изолација без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлезе дека тие презеле дејствија со кои ги прекршиле или не постапиле согласно прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување заразна болест и нарушување на здравјето на населението. Пријавените постапиле согласно протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести на 30.7.2020 година, како и дополнувањето на овој протокол од 17.11.2020 година. Од тие причини, по анализа на пријавите, прилозите кон нив и прибавената документација, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани елементите на наведените кривични дела ниту пак друго дело кое се гони по службена должност“, велат од ОЈО Скопје.
Отфрлена е и кривична пријава против Собранието како правно лице. Парламентот беше пријавен за три кривични дела: пренесување заразна болест; непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и тешки дела против здравјето на луѓето.
„Јавниот обвинител донесе решение за отфрлање, имајќи го предвид член 28-а став 3 од Кривичниот законик, согласно кој кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата. Во конкретниот случај постојат други околности кои го исклучуваат кривичното гонење бидејќи Собранието е државен орган и носител на законодавната власт“, велат од ОЈО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.