Охриѓани се заинтересирани да го дадат својот глас на овие локални избори.

Како што може да се забележи и од овие фотографии, пред избирачките места во Охрид е доста раздвижено и жителите го остваруваат своето право на глас.

Според Државната изборна комисија до 11:00 часот гласале вкупно 12,20% или 5.285 од 52.477 гласачи, од обработени 73 од 89 избирачки места.

Инаку, во Македонија денеска се одржуваат седмите по ред локални избори на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

На 3 480 избирачки места, граѓаните својот глас можат да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

Право на глас имаат 1 824 864 граѓани. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лице, кои се на привремена работа или престој во странство, во согласност со евиденцијата на надлежниот орган, 1 899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Гласањето започнува во 7 часот и ќе трае до 19 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.