Невладината Охрид SOS во отворено писмо до медиумите упатува на неправилности во поглед на отуѓување на државно, односно општествено земјиште. Во продолжение го пренесуваме нивниот допис во целост.

НАЈДОБРОТО ЗА ВАШАТА ОПШТИНА?!

Во предизборните програми стојат секакви ветувања, проекти или „проекти“, но во изминативе децении сме сведоци дека штом се добие власта се прават работи кои не биле ни ветени, а не се ни од јавен интерес. Еден таков пример се одвива зад очите на јавноста, а протагонисти се кандидати на претстојните локални избори. Од кога отуѓувањето државно или општинско земјиште стана јавен интерес? До кога ќе се прават вакви зделки, од кои профитираат неколкумина, а губи градот? Дали целта е да се добие уште еден мандат па да се довршат некои отпочнати процедури? Ако олку лесно општината отуѓува јавен простор, што треба да очекуваме во иднина? Да се отуѓи брегот, парковите и игралиштата, објектите кои се изградени на тоа земјиште, а кои ги користат јавни институции? Што ќе им остане на охриѓани, на идните генерации?
На 05.09.2020 г., Општина Охрид објавила повик за електронско јавно наддавање со број 1/2020 за отуѓување на државно земјиште во Индустриска зона Мауцкер во КО Долно Лакочереј – вон град, во која биле понудени неколку парцели и тоа ГП 1.1, ГП 1.12, ГП 1.13, ГП 1.14 (сите дел од КП 1219/1). Јавното наддавање било закажано за 07.10.2020 г.
Како што може да се види на веб-страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, во Индустриска зона Мауцкер две парцели се во сопственост на правниот субјект „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид и тоа 1219/12 и 1219/14. Тоа нè води до заклучок дека две од четирите градежни парцели од јавниот повик на Општина Охрид биле отуѓени на оваа фирма или евентуално на друг субјект кој подоцна ги отуѓил на постоечкиот сопственик. „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид е фирма во сопственост на Нефи Усеини, поранешен советник во Советот на Општина Охрид од ДУИ и тоа, од конституирањето во октомври 2017 г. до престанување на неговиот мандат на 04.12.2020 г. (Сл. Гласник 15/2020) откако си поднесе оставка на функцијата затоа што зделките со Општина Охрид кои ги поништуваше Државна комисија за спречување на корупцијата се покажаа како подоходовни. Сепак, тој е носител на листата на ДУИ и во овој изборен циклус. Не само што не доби санкции од својата партија за протежирање на лични интереси, напротив, тој е охрабрен да продолжи понатаму. Сега завиен под зелениот слоган. Парадоксот на денешницата.
Општина Охрид на својата веб-страница има објава за Проектна програма за изработка на Урбанистички проект за парцелирано градежно земјиште за разработка на ГП 1.12 (Блок 1) во УПВНМ за Индустриска зона Мауцкер во КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, со основна класа на намена Г2, изработена од „Нефи & A Инвест“ ДОО Охрид со датум 06.08.2020 г., со која се планира изградба на асфалтна и бетонска база на ГП 1.12 (16.529 м2) – предмет на горенаведеното наддавање. Фирмата „Нефи & A Инвест“ ДОО Охрид, веруваме е во потесна врска со бившиот советник Нефи Усеини одошто просто коинцидирање на името.
Градежната парцела 1.12 од проектната програма, била изработена два месеци пред јавното наддавање и ЦЕЛ МЕСЕЦ ПРЕД Општина Охрид воопшто да направи јавен повик за нејзино отуѓување, сето тоа во време кога Нефи Усеини бил советник во Општина Охрид и член на Комисијата за урбанизам и Комисијата за финансии и буџет . Урбанистичкиот план за парцелизирано земјиште, согласно проектната програма – Урбанистички план за парцелизирано градежно земјиште за разработка на ГП 1.12 (Блок 1) во УПВНМ за индустриска зона Мауцкер – Долно Лакочереј – вон град – бил изработен во февруари 2021 г. по приватна иницијатива на компанијата „Нефи Ик“ ДООЕЛ – Охрид, фирма во сопственост на Нефи Усеини.
За потсетување, Нефи Усеини е сопственик на нелегалната бетонска база на излезот од Охрид кај Далјан за која инспекторот за градежништво и урбанизам даде налог за отстранување во април 2019 г., а градителот заработи кривична пријава. Инспекцискиот надзор врз нелегалната бетонска база беше инициран од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, а службите на Општина Охрид избегнуваа да постапат со образложение дека сопственикот на базата е непознат. Откако идентитетот на сопственикот Нефи Усеини се обелодени, а Општина Охрид делумно, за потребите на извештајот до УНЕСКО, ја отстрани во август 2020 г., тој во неколку наврати за медиумите изјавуваше дека очекува Општина Охрид да му најде подобра локација. Дали двете парцели во Мауцкер, вкупно 21.560 м2 кои Нефи ги добил се „награда“ за нелегалната бетонска база?
Згора на тоа, на терен, површината на нелегалната база која е проширена на исток сè до Коселска Река сега е двојно поголема.
* * *
Да сумираме: советникот Нефи Усеини како избрано лице и носител на функција, имал информација за планираното отуѓување на државно земјиште во Мауцкер. Фирмата „Нефи & A Инвест“ ДОО Охрид почнала со подготовка на документацијата уште пред повикот да биде направен, очигледно знаејќи дека ГП 1.12 со 16.529 м2, вака или онака ќе му припадне на Нефи Усеини. „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид ја довршил работата со подготовка на урбанистичкиот план за новата база. Новата база пак, е не само бетонска, туку и асфалтна. Според последните информации Општина Охрид, пред само два месеци издала и одбрение за градба! Асфалтна и бетонска база со поглед на УНЕСКО езеро!
Но, прашањето е, што правеле во Општина Охрид додека Нефи Усеини стратешки си работел на „трансформација“ на државен во приватен имотот? Или можеби Нефи учествувал во креирањето на условите тоа јавно наддавање воопшто да се случи? Во секој случај, во Општина Охрид си траеле и извршувале наместо, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси тоа да го спречат и на тој начин станале соучесници.
Згора на тоа, Општина Охрид не го ни поднела овој Урбанистички план до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. А, што е со УПВНМ за индустриска зона Мауцкер кој Општина Охрид треба/ше исто така да го усогласи со Планот за управување согласно обврските кон УНЕСКО и кој исто така треба да биде одобрен од Комисијата?
Поради тоа, со сите расположливи информации, доставивме претставка до Државната комисија за спречување на корупција, за испитување на случај на судир на интереси што довело до стекнување со имотна корист на сметка на јавниот интерес. Се чини дека некој е привилегиран во оваа општина и се става над сите други жители, на повластена позиција. Штетите ги трпи градот, животната средина, луѓето. Локацијата која е пренаменета за индустриска зона се наоѓа во непосредна близина на два археолошки локалитети, еден на магистралниот пат Охрид – Скопје а другиот на ридот над патот. Ако со години беше дива депонија толерирана од комуналните претпријатија и општината, давајќи грда слика на влезот во градот, сега овој простор кој го користеше армијата и беше релативно нечепнат децении претходно, ќе се трансформира во потенцијален загадувач. Ќе профитира еден субјект, на штета на цел град.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.