Вклучувањето на Македонија во Европската Унија и потребата од продолжување на исполнување на обврските што стојат пред државата и покрај блокадите со кои се пролонгира почетокот на преговорите за влез во унијата, е темата на проектот што заеднички би го реализирале Општина Охрид, Стопанската комора на Македонија и Економскиот Факултет на Универзитетот од Љубљана со можност за вклучување и на Стопанската комора од Словенија.

Проектот е дел од потенцијалната соработка меѓу Општина Охрид и Економскииот факултет при Универзитетот од Љубљана, за која е разговарано на средбата која ја остварија градоначалникот Константин Георгиески и деканот на Факултетот, професор д-р Метка Текавчич.

Средбата во Охрид е одржана на иницијатива на претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, кој воедно е и член на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет во Љубљана, во присуство и на Мелита Секуловска, регионален координатор за меѓународна едукација на Економскиот факултет од Љубљана.

Во рамки на соработката е планирано да се работи и на организација на меѓународна конференција за Европскиот пат на Република Македонија што би се одржала во Охрид, од аспект на образованието, економијата, наука и туризмот, како пандан на конференцијата што се одржува во Порторож, со учество на врвни експерти од наведените области кои биле дел од преговорите за влез на Словенија во Европската Унија.

Се очекува нивните експертизи да дадат голем придонес во остварувањето на Европските цели на Република Македонија, но и за искористување на потенцијалните можности за развој на Охридскиот регион кои ги нуди Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.