На терен се стручни тимови на обвинителството и полицијата задолжени за истрагата за пожарот кој во тетовската ковид модуларна болница кој што однесе најмалку 10 животи на пациенти. Како што јави Телма според првичните информации пожарот многу брзо се ширел и ја пеплосал целата модуларна болница. Во внатрешноста се создала огромна температура од оганот кој голтал и уништувал се пред себе. Од огромната температура на пожарот се уништени дури и металните цевки за водоводот во модуларната болница, а едно возило кое се наоѓало на неколку метри од болницата било истопено.
Владата најави детална истрага, а на состанокот на кризниот штаб во тетово присуствуваше и државниот обвинител Јовевски.
-Во увидот се вклучени тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Тетово, на кои им се придружија уште двајца јавни обвинители од скопското јавно обвинителство. Тимот од петмина обвинители, заедно со екипи од надлежните институции, ги преземаат сите дејствија во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар, соопштија од прес службата на обвинителството.
Засега никој не дава никакви детали за можни причини за пожарот. Не е објавена ниту точната бројка на пациентите кои биле згрижени во модуларната ниту бројот на ангажираниот медицински персонал.
Според информациите на Телма, околу 1 часот по полноќ на Институтот за судска медицина се донесени 14 тела на починати од Тетово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.