Пожарите во Прилепско се една од трите најкритични точки во моментов низ Македонија, соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и неговите соработници. Тие велат дека засега не може да се каже точната бројка на пожарите во земјава, зашто се менува од минута во минута.
Предмалку, огнот се прошири и до патот кај превојот Плетвар, кој во моментот е затворен за сообраќај.
Сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, поради пожар кај местото Топлица од 18:45 часот е во целосен прекин за сите видови на возила, информираат од АМСМ.
Од ЦУК соопштија дека на терен моментно се околу 300 војници од Армијата. Дејствуваат три хеликоптери од Србија, а вкупно се четири на располагање, три за гасење и еден за извидување. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила и од Австрија се очекуваат 120 пожарникари со 40 возила. Австриската извидница е веќе кај Пехчево, Берово, Делчево, во пијанечкиот регион, каде бугарските служби дејствуваат. Се бара поддршка и со воздухоплови, но секаде има пожари.
Сопиште побарало 50 војници за гасење на пожарот, а Куманово 80. Таму за неполн час избувнале седум пожари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.