Ова не е крајот на нашиот пат. После 17-ти Октомври не застануваме или завршуваме. Ова е само еден огромен почеток на втемелување на нашите заложби, идеи и предлози во конкретни решенија за нашите општини, градови и села, порача Теодора Димитровска кандидатка за градоначалник на општина Куманово на движењето „Одлучно за промени“ од политичките партии ЛДП и ДОМ.

Таа порача дека програмата е со конкретно остварливи мерки и предлози, приоритет се дава на младите со младински политики, места за рекреација и остварување на нивната креативност. Исто така, во општината ќе се градат темели на социјална правда која е најважна за локалните политики.

Нудиме концепт за градење на општина која ќе се грижи за сите граѓани, но и за сите подрачја, а не само за централното. Затоа предвидуваме развој на селските стопанства Општината ја правиме дигитализирана, транспарентна и отчетна. Општина која со еден клик ќе биде близу до граѓаните, но и граѓаните близу до општината. Предвидуваме поставување на смарт туристичко информативни табли во Куманово, смарт табли за возен ред на јавниот превоз, воведуваме бесплатна интернет мрежа во јавниот превоз во Куманово. Градот го правиме урбан, ги поддржуваме малите и средните претпријатија со ваучери до 200.000, ја оживуваме и модернизираме чевларската дејност и повторно ја враќаме сликата за Куманово како чевларски град и место од каде потекнуваат најдобрите чевли, рече таа.

Димитровска најави и ваучери за купување на велосипеди и електрични тротинети, фотоволтаични системи на сите јавни објекти во Куманово, а вети и дека ќе ги намалат паушалите на советниците за 6000 денари, а парите ќе се пренаменат за ужинки за децата од училиштата.

Можат да не негираат, бојкотираат, да нема место за нас на дебати, да не омаловажуваат и исмеваат, но едно не можат. Не можат да ја достигнат нашата креативност, упорност и борбеност. Нашата одлучност и нашата различност. Нашата верба во младите, но и трајната соработка со постарите. Затоа од ова место денес ве уверувам дека после 17ти во Советот на Општина Куманово ќе се зборува за нашите мерки и предлози, а нашите идни советници силно ќе се борат за сите наши идеи да бидат преточени во реалност, рече таа.

Носителот на советничката листа Валентин Ефремовски, посочи дека за Куманово се потребни проекти за едно убаво, модерно и чисто место на живеење.

Ова движење го формиравме точно со таа идеја да го искористиме целиот потенцијал на сите граѓаните кои ги имаме ширум Македонија во секоја општина бидејќи видовме низ овие 3 децении дека во црно-белиот свет ништо не функционира добро. Слушаме многу ветувања пред изборите во кампањите а потоа по текот на мандатот некако тие исчезнуваат за повторно следната кампања да ги слушаме истите ветувања, рече претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски им порача на граѓаните дека денеска во 21 век сеуште се зборува за луѓе кои што немаат питка вода за пиење, и дека токму затоа на Македонија и требаат промени.

Куманово било одлучно кога требало да се пукне првата пушка, Куманово ќе биде одлучно и на овие избори кога треба да се гласа за промени, кога треба да се гласа за движењето одлучно за промени под реден број 2, дополни лидерот Милевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.