Цел ден по предупредувачката порака од францускиот претседател Макрон дека нема да има никакво проширување на ЕУ додека не бидат направени сеопфатни внатрешни реформи, од македонската влада нема никаква реакција. Ниту премиерот Заев, ниту вицепремиерот задолжен за европски прашања Османи, ниту шефот на дипломатијата Димитров не се огласија, иако до пред само два дена едногласно повторуваа дека Македонија мора и ќе добие датум до октомври, а почеток на преговорите до крајот на годинава. Државниот врв досега ја темелеше убеденоста во постигнување успех пред се на позитивниот извештај од Европската комисија и на пораките од канцеларката Ангела Меркел дека европската иднина за западниот Балкан е сигурна, иако мора да се изоди уште многу трнлив и каменлив пат, објави Алфа.

Од друга страна, не им беа давани премногу значење на пораките од францускиот амбасадор во земјава, Тимоние кој повеќепати предупреди дека каскаме со реформите, дека имаме огромни проблеми со корупцијата, а Европа не сака да ја повтори грешката и повторно да повика во своите редови слаба и неподготвена земја.

Предупредуваа и соседните земји членки на Унијата, Бугарија и Грција, дека и покрај потпишаните Договори за пријателство ништо не е готово, а и европските функционери во заминување Јункер, Хан и Могерини истакнуваа дека кај некои држави, предводени од Франција, постои голем песимизам во однос на проширувањето.

Конечно вчера, лут поради фијаското на Договорот за нови европски власти, Макрон упати јасна и недвосмислена порака.

Скептичен сум кога ни објаснуваат дека иднината на ЕУ е во ново проширување, кога ние 28 не можеме да се договориме. Одбивам секаково проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ, изјави Макрон.

Според последните информации премиерот неделава во полскиот Познањ, каде ќе се одржи Самит ЕУ-Западен Балкан ќе има средба со францускиот премиер Едуард Филип и тоа на барање на француската страна. Најавено е дека тема на разговорите ќе биде токму отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, но со оглед на тврдиот став на Макрон малку е веројатно дека Заев ќе успее да издејствува некаква гаранција дека годинава навистина би можеле да влеземе во долго најавуваното отворање на поглавјата од преговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.