Од Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ потврдија дека сто новинари од Македонија, на молба на Здружението на новинари на Србија (УНС) ќе бидат вакцинирани против коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград. И претседателот на УНС Владимир Радимировиќ, за МИА изјави дека „УНС на барање на Македонската асоцијација на новинари (МАН) побарала и било одобрено преку кабинетот на српскиот претседател, во Врање во вторник да се вакцинираат 100 медиумски работници, како и истите да бидат ревакцинирани“.
Синоќа агенцијата Бета и српските медиуми, повикувајќи се на македонските медиуми, соопштија дека во вторник во Врање, 100 македонски медиумски работници ќе бидат бесплатно вакцинирани со вакцината на „АстраЗенека“.
МАН ги повикува сите медиумски работници кои сакаат да се вакцинираат за заштита од вирусот Ковид-19, да се пријават на официјалниот емаил: man.makedonija@gmail.com, најдоцна до 19 часот, недела 21 март со: име и презиме, ЕМБГ, емаил адреса и редакција, за вакцинација која ќе се изврши на 23 март 2021 година.
На барање на МАН во соработка со партнерското Здружение на новинари на Република Србија преку кабинетот на претседателот на Србија, обезбедени се вакцини од „Астразенека“ за 100 медиумски работници кои ќе се пријават за вакцинација.
Терминот за вакцинација е во 12 часот во вторник, 23 март.
Ќе се вакцинираат единствено лицата кои ќе бидат официјално пријавени до МАН.
Вакцините и ревакцините за 100 медиумски работници се бесплатни. МАН организира и автобуски транспорт од Скопје до Врање и назад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.