Покрај тоа што во овој момент состојбата со епидемијата на Ковид-19 во државава е стабилна, интензивно се подготвуваме за есенските месеци кога претпоставуваме, а претпоставуваат и многу други земји во регионот и во Европа, и на северната хемисфера, дека ситуацијата може да се комплицира, заради тоа што е вообичаена сезона на респираторни заболувања, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека уште на почетокот на летото почнале со зајакнување и надградба на капацитетите за третман на пациенти заболени од Ковид-19, како дополнување на монтажната болница до Инфективната клиника која има 70-тина кревети и во овој момент е целосно празна, но во исто време и целосно подготвена и со централен довод на кислород да прими пациенти.
Уште еден монтажен објект, потенцира министерот, се постави до Клиниката за пулмологија и алергологија, како мини тријажен центар и по овој модел поставуваме уште 16 регионални мини инфективни одделенија во Гевгелија, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен.
Во овој момент проектната единица на Светската банка, која е во рамките на Министерството за труд и социјална политика со нашите експерти работат на подготвителните постапки за почеток на овој процес. Овие ќе ги наречеме Ковид-центри, ќе се поставуваат во непосредна близина до болниците, за да бидат физички лесно достапни за кадарот, но и пациентите да бидат целосно одделени и болниците да останат целосно чисти за да можат и другите пациенти да добијат здравствена услуга без одлагање. При зголемувањето на капацитетите ги имаме во предвид и тековните медицински програми, додаде Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.