Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачиња.
Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.
Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје, Ричард Малион, извршната директорка на ЦУП Неда Малеска – Сачмароска и со Стефан Богоев градоначалникот на општина Карпош при посетата на ОУ „Вера Циривири Трена“.
Од ресорното министерство нагласуваат дека услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот, каде се води евиденција за сите училишта во државата.
За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.
Царовска воедно најави дека во следниот период ќе се дигитализираат и низа други услуги поврзани со основното и средното образование, но и во делот на науката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.