Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од ковид-19 во земјава, а пандемијата сè уште не стивнува. Имунизацијата започна со големо задоцнување и засега вакцини има само за медицинскиот персонал кој работи во ковид-центрите, кои се вакцинираат со вакцината на „Фајзер“ подарена од Србија Деновиве треба да пристигнат 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ по што, според најавите од надлежните, ќе почне масовната имунизација на населението, иако тие се доволни за само 100 илјади граѓани.

Првиот потврден случај беше жена од Скопје родена 1970 година која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин Табановце на 26 февруари 2020 година, превезувајќи се во комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје по што властите почнаа со спроведување мерки меѓу кои беше и 14-дневна изолација на останатите патници во комбето. На почетокот не препорачуваа здравите луѓе да носат маски, а потоа препорачаа да се носат и ракавици и маски за заштита од коронавирусот.

Иако првите проценки беа дека во земјава ќе се заболат само 2.000 лица и дека ќе има само неколку починати, досега вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.