Претседателот на РМ – сосема противуставно, паушално и арбитрарно, донесе нова, т.е. втора деклараторна Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба дополнителни 30 дена (што значи, вкупно, 60 дена)!?
Токму овој спорен акт е правно недозволив чин на пречекорување на уставните овластувања на Претседателот на РМ, затоа што тој се темели на веќе исцрпена, потполно иста фактичка и правна ситуација која била причина за прогласувањето на првичната вонредна состојба!
Иако примарен и стварно надлежен државен орган кој прогласува вонредна состојба, согласно нашиот Устав, е Собранието на РМ – како носител на законодавната власт, сепак првата и втората Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба (18.03.2020 и 17.04.2020) беа донесени од страна на Претседателот на РМ г. Стево Пендаровски – бидејќи, согласно добиеното известување од претседателот на Собранието – г. Талат Џафери, тој оправдано одби да свика пленарна седница, со правно издржано образложение дека еднаш распуштено Собрание не може повторно да се состане, бидејќи мандатот на пратениците е завршен со чинот на самораспуштање.
Поради вака настанатата комплицирана правна ситуација, а имајќи го предвид фактот дека веќе беа распишани предвремените парламентарни избори, сукцесивно се активираше чл. 125, ст. 4 од Уставот на РМ кој вели дека „ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредната состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“. И до тука нема ништо спорно! Спорното е тоа што, и после истекот на максимално предвидените 30 дена на времетраењето на првично прогласената вонредна состојба, Претседателот на РМ – сосем противуставно, паушално и арбитрарно, донесе нова, т.е. втора деклараторна Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба за уште дополнителни 30 дена (што значи, вкупно, 60 дена)!?
Токму овој спорен акт е правно недозволив чин на пречекорување на уставните овластувања на Претседателот на РМ, затоа што тој се темели на веќе исцрпена, потполно иста фактичка и правна ситуација која била причина за прогласувањето на првичната вонредна состојба! Тоа, впрочем, може да се увиди од главата I на побиваната претседателска Одлука – каде што, и во обете одлуки, се прецизира дека вонредната состојба се прогласува „заради заштита и справување со последиците од ширење на коронавирусот COVID-19“. Дотолку повеќе, во глава II, образложувајќи ги причините за носењето на оваа контроверзна одлука, Претседателот на Републиката – по принципот copy/paste – ја користи потполно истата фразеологија за експликација, која е веќе употребена при прогласувањето на првата вонредна состојба: „…постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Македонија […]“!?
Уставниот рок од 30 дена не може произволно да се пролонгира до недоглед
Во однос на максималното времетраење на вонредната состојба, членот 125, ст. 3 од Уставот е сосем јасен: „Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба има важност најмногу 30 дена“! Номотехнички гледано, ова е императивна и безрезервна правна одредба, односно ius cogens норма, која не остава никаков дополнителен простор за поинакво толкување или шпекулативна интерпретација. Тоа значи дека, претседателот можел, во рамките на овие триесет дена, да донесе, на пример, три одлуки од по 10 дена или шест одлуки од по 5 дена и сл. – но, никако не може самоволно и волунтаристички да носи нова одлука после истекот на максимално предвидените 30 дена, за дуплирање на овој рок без никаков уставен основ за тоа (лат. condictiones sine causa).
Дека е тоа така, односно дека во случајов е сторен недозволив и илегален ultra vires акт јасно говори и признанието на самиот претседател Пендаровски, дадено за време на прес-конференцијата за медиуми која се одржа дента по носењето на Одлуката (16.04.2020), по завршувањето на Советот за безбедност, кога – одговарајќи на новинарско прашање дали е свесен дека со ова т.н. повторно прогласување вонредна состојба свесно го крши Уставот – рече: „Не можеме да се криеме зад правните флоскули и финеси. Во делот на вонредната состојба Уставот има една правна празнина, т.е. недореченост. Апсолутен приоритет сега е здравјето на нашите граѓани. Практично, оваа одлука е потпрена на таа грижа, отколку што е потпрена врз јасната уставна норма. Уставот не предвидува продолжување за нови и нови 30 дена“!
Значи, in concreto, станува збор за точно одреден, експлицитен уставен рок кој временски може да трае најдолго 30 дена (dies certus quando) и кој не може своеволно да се пролонгира, продолжува или пробива од страна на ниту еден централен државен орган на власта, бидејќи тие едноставно немаат јавно-правен imperium за такво нешто. Со други зборови, согласно правилата на цивилна компутација, станува збор за астрономски, т.е. календарски утврден т.н. резолутивен рок (ad diem), кој стриктно го определува моментот на престанок на дејството на одреден правен акт. И, конечно, овој рок е класифициран во групата на неменливи и незапирливи законски континуални рокови (tempus continuum) кои што започнуваат да течат и истекуваат без престан, независно дали засегнатите странки биле или не биле во можност да го спречат настапувањето на нивните негативни последици.
После 30-дневната вонредна состојба, може да се продолжи само со кризна состојба
Во овој случај, per analogiam со ситуацијата на супсидијарната примена на чл. 125, ст. 4 од Уставот [кога Собранието не може да се состане], требаше резервно да се активира чл. 1 од Законот за управување со кризи (2005) кој вели: „Системот за управување со кризи се организира и остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување воена или вонредна состојба“ [чл. 1, ст. 2 од ЗУК]. А токму таква ситуација имавме: Собранието не можеше да се состане, Претседателот еднаш прогласи вонредна состојба – која требаше да се искористи само како правен механизам за одлагање на изборите – и по нејзиното завршување, овде веќе немаше правен простор, ниту услови за повторно прогласување нова состојба врз основа на стара причина (лат. ne bis in idem)!
Колумна на Димитар Апасиев за respublica.edu.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.