Државниот испитен центар (ДИЦ) информира дека обврските произлезени од договорот помеѓу Владата и Сојузот на средношколци за спроведувањето на државната матура ќе бидат исполнети во целост од надлежните институции и образовните установи откако денеска Сојузот реагираше дека во некои средни училишта во земјава не се почитува договореното во февруари.

Училишните матурски предметни комисии предвидено е да подготват минимум три пати повеќе испитни задачи (без решенија) во согласност со застапеноста и видовите на задачи пропишани во испитната програма по секој соодветен предмет и тие, минимум три седмици пред полагањето, јавно да ги објават. Од тие испитни задачи потребно е да биде изготвен тестот за интерните испити. Овие насоки се наведени во известувањето кое ние како надлежна институција за спроведување на полагањето на државната матура го доставивме до сите средни училишта уште на 11 март 2021, соопштија од ДИЦ.

Сојузот на средношколци преку писмо ги извести премиерот Заев, министерката Царовска и директорката на Државниот испитен центар дека неколку средни училишта од Битоа, Охрид и Тетово не го почитуваат договорот кој доведе до решение на проблемот околу начинот на полагање на државната матура годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.