Се заоструваат рестриктивните ковид мерки – полицискиот час наместо од 22 во наредните две недели ќе почнува од 20 часот, а од утре за гости се затвораат сите угостителски објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците. Од денеска се затвораат и фитнес салите, спортските и салите за вежбање и се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.
Новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.
Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година, а како што соопшти Владата по вчерашната седница, објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.
Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.
Информирајќи за новите рестриктивни мерки, премиерот Зоран Заев, рече дека ова е најголемо оптоварување на здравствените систем од почетокот на пандемијата.
-Бројот на новозаразени постојано расте, бројот на починати од корона расте, досега здравствените работници се справуваа со предизвиците, но, сега постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите сили се во битката за спасување човечки животи, рече премиерот Заев.
Вчера беа регистрирани нови 37 починати лица, како и нови 301 случај на Ковид-19 од направени 1.431 тестирање. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.977, а бројот на активни случаи изнесува 20.802. Вкупно биле заразени 135 167 лица.
Дополнителните рестриктивни мерки, според министерот за здравство Венко Филипче, се со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.