Од денеска во Македонија почнува вакцинацијата со трета доза против ковид-19 со „Фајзер“ и таа се препорачува за сите граѓани над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести без разлика на возраста.

Третата доза може да ја примат овие групи на граѓани без разлика со која вакцина претходно се вакцинирале, а потребно е да поминат најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина.

Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат. Таа порака ќе биде само потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата ‘Борис Трајковски’, во сите други поликлиники тука во Скопје и низ државата. Здравствените работници ќе се вакцинираат во рамки на здравствената организација, а лицата со имунокомпромитирачки проблеми, со потврда од лекар, може да се упатат на кој били пункт, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со 24 септември, вакцинирани се вкупно 781.623 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.495.762 дози вакцини, а ревакцинирани се 714.135 граѓани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.