Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.
За олабавување на сегашните рестриктивни мерки, предложени се седум препораки – укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.
Натаму, присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување растојание помеѓу посетителите од 1,5- до 2 метра (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од Ковид-19. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.
Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив. Присуство на музичари е дозволено само при организирање свадби, а согласно соодветен протокол.
-Маската е добар механизам. Се тргнува и забраната за групирање. Меѓутоа, добро е да се има предвид, да се има при рака, ако има групирање макар и надвор иако е топло, да може да користи. Истото тоа важи и за собирите дома, сите граѓани треба да се свесни дека имаме сега стабилна ситуација меѓутоа навистина никој не може да предвиди не само ние, туку каде било во светот како понатаму ќе се одвива понатаму епидемијата. Ние ги пратиме сите трендови кај нас во околните земји и така согласно тоа ги даваме препораките, додаде Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.