Песни, знамиња, веселење – пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ вечерва симпатизерите, граѓаните и членовите на партијата ја слават победата на локалните избори.

Се пее „Бисер балкански“, но и „Бела Чао“, по оставката на Зоран Заев и од премиерската, но и од функцијата претседател на СДСМ.

На насобраните граѓани им се придружија лидерот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, како и новиот градоначалник на Град Скопје – Данела Арсовска.

Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и Кочани,  од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за заштита на интересите на секој еден човек. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме. Ова е убедлива победа. Ова е победа на народот на Македонија, порача Мицкоски на прес-конференцијата по прогласувањето на победата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.