Обвинителството за организиран криминал и корупција води истрага против, сега веќе поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев. Ваквата информација ја потврди и јавната обвинителка Вилма Русковска.
Да, се води истрага за лицето Ден Дончев, рече Русковска за „Република“.
По информциите со кои излезе ВМРО-ДПМНЕ дека најверојатно Ден Дончев веќе ја напуштил државата Русковска вели:
Немам информација дали Ден Дончев е во земјава или не.
Ден Дончев се терети дека примал австралиски долари преку компанија регистрирана во струмичко Муртино. Неделникот „Фокус” објави дека по барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.
Според потврдени сознанија на „Фокус“, Управата за финансиско разузнавање го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, заменик на Вилма Рускоска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил околу 50 илјади евра од приватната компанија „Ремаркет“. Притоа, УФР утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.
Проверките во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што потекнува и Дончев.
До лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма.
Во одговорите доставени до „Фокус“, од компанијата велат дека трансакциите од австралиската кон македонската компанија се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Така, финансиските извештаи што ги извади Фокус, пак, покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени.
Поточно, македонската компанија „Мегантик“,неодамна преименувана „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.