Случувањата поврзани со изборниот процес континуирано ги следи Привремената комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на предвремените парламентарни избори, информира Јавното обвинителство.

Итно и со приоритет се постапува по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите, при што известувањата веднаш се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства. Комисијата даде задолженија до обвинителствата за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Јавното обвинителство преку формираната Комисија ја известува јавноста дека јавните обвинители во континуитет работат на терен. Целосно се посветени на борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, преку придонес кон нивно сузбивање и превенирање. Комисијата продолжува перманентно да го следи процесот на гласање, за што се воспоставени и дополнителни дежурства во јавните обвинителства за деновите кога се врши гласањето, се вели во соопштението.

Јавното обвинителство исто така ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.mk или до надлежните основни јавни обвинителства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.