Од Обвинителството информираат дека нема да постапуваат по случајот „Теретана“, односно по обвинувањата дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во време кога теретаните беа затворени, како мерка за заштита од Ковид-19, тој наводно одел да вежба.

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, по извршени детални проверки, донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот кој беше оформен по поднесено известување поради сомненија дека услугите на фитнес-центар во Скопје се користеле спротивно на одлуките и прописите со кои беа определени мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби за обезбедување на видео записите и за вештачење на ДВР-уредите на кои се сочувани видео записите од безбедносните камери во фитнес студиото. Во исто време, во својство на сведоци беа испитани повеќе лица.

Предмет на анализа беше целокупниот материјал кој што беше обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а беше одземен од деловниот субјект во критичниот период.

Притоа, на прибавените снимки не биле збележани ниту посочените, ниту други лица да ги користат услугите на фитнес – центарот спротивно на донесените забрани. Од вештачењето на ДВР-уредите произлезе дека видео записите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди.

Дополнително, надлежниот јавен обвинител ја прибави и документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кои спровеле постапка во однос на наводите за присуство на полициски службеници во фитнес центарот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата. По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност, се вели во соопштението на Обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.