Обвинителството отвори истрага против Трифун Костовски, неговиот син и уште двајца раководители во Еуростандард Банка. Постои сомнение дека сториле дело „предизикување на стечај“, како и продолжено кривично дело „перење на пари“. Според обвнинителството во периодот 2018 – 2019 не постапувале согласно законот за банки и препораките од Народната банка. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални кредитни загуби.

Од нефункционални кредити за 149 фирми била направена штета од над 3 милијарди денари при што повластените кредитни должници со невраќање и неможност за присилно враќање на долг од кредитот се стекнале со корист, а штедачите и другите депоненти на банката биле оштетени. Дополнително од 2017 до 2020 година во банката биле отворени нерезидентни сметки преку кои се вршеле рансакции, а Еуростандард не пријавила сомнителни трансакции кои укажувале на перење пари.

Поранешниот сопственик на Банката Костовски побара Обвинителството со име и со презиме да ги објави лицата против кои е отворена истрага.

По повод наредбата на Јавното Обвинителство за истрага на 4 одговорни лица во стечајот на Еуростандард Банка изјавувам

Лицата против кои ќе биде поведена истражната постапка не се обзнанети, а по мене би било ред да бидат идентификувани со име и презиме.

После 6 месечен молк од страна на Јавното Обвинителство излегува во јавноста со наредба за истрага во самата Еуростандард Банка. Моите сознанија говорат дека ова е изнуден чин на Јавното Обвинителство да се појави во јавноста после толку многубројни мои апели.

Повторувам, во целата истрага мора да се вклучат и лица надвор од банката. Утре следи мојата официјална колумна со која јавноста ќе биде подлабоко запознаена со сите игри околу стечајот на Еуростандард банка“, напиша Костовски на фејсбук.

Во август минатата година Народната банка ја одзема дозволата за работа на Еуростандард поради неисполнување на минимални законски услови за работење.

Клиентите со депозити до 30 илајди евра беа обештетени од Фондот за осигурувања, но оние со поглеми депозити се уште не можат да ги добијат парите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.