Поранешните функционери кои се обвинети во предметот за организацијата на „27 април“ и нивните адвокати денеска треба да ги дадат завршните зборови во судскиот процес кој се води пред Основниот кривичен суд во Скопје. Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

По нивните завршни зборови, судечкиот совет ќе треба да закаже и рочиште за изрекување на пресуда.

На минатото рочиште, завршни зборови даде обвинителката Вилма Русковска, според која, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција успеало да докаже дека обвинетите изготвиле план да го загрозат уставниот поредок и со акти на насилство да оневозможат примопредавање на власта.

Таа, во последен момент, направи и измени во обвинителниот акт во кој Ристовски и Јанакиески ги посочи како директни организатори на протестите кои се одржуваа во 2017 година.

Одбраната реагираше дека станува збор за суштински измени затоа што двајцата ексминистри претходно биле обвинети за организацијата на превозот и координација на месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, а сега директно се посочуваат како организатори на протестите.

Одбраната успеа да докаже дека тоа што им се ставаше на товар како дејствија падна во вода и затоа сега Обвинителството оди со сосема нови дејствија за кои одбраната ниту се произнела ниту понудила свои докази. Затоа сметам дека ова е триумф на одбраната. Сега имаме сосема нови дејствија – организирање протести. Ако дејствијата беа дека ги организирале партиските структури, сега се дека организирале пратеници. Кој пратеник и на кој начин го организирал? И она што е суштествено, во делот на насилство и организација на насилство, освен за некојси план, не ги товари ниту Трајко, ниту Миле, ниту Спиро. За што зборуваме? На кој начин е сторено терористичко загрозување? Со насилство или со уметници на протест? – изјави адвокатот Еленко Миланов кој е дел од одбраната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.