Во Основниот кривичен суд продолжи судењето за најстариот предмет на СЈО, Насилство во општина Центар. На денешното рочиште исказ дадоа четворица обвинети, меѓу кои и Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Обвинетите со факти и аргументи целосно го побија обвинителсниот предлог од страна на СЈО, кој целосно е препишан од кривичната пријава доставена од страна на поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Во обвинителниот предлог пишува дека Миле Јанакиески како член на Извршниот одбор ги поттикнал Рангелова и Томислав Лазаров, а потоа тие ги поттикнале останатите обвинети.

Реалноста и доказите покажаа нешто сосема друго. Во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не постои извршен одбор (таа организациска структура постои во СДСМ) туку извршен комитет, за што Јанакиески истакна и достави доказ дека во 2013 година не бил член на ИК, што е спротивно од тврдењето на СЈО. Исто така, Рангелова јасно и недвосмислено истакна дека никој не контактирал со неа за протестите пред општина Центар и истакна дека побарала од мобилниот оператор листинзи, но не ги добила, а исто така и СЈО не достави ниту еден дока воопшто учествувала во каква било организација.

Јанакиески достави доказ доставен од страна на самото СЈО дека бил интензивно прислушуван во месеците пред и по настаните кои се случија пред општина Центар и дека СЈО не презентирал дополнителен разговор или доказ дека Јанакиески бил дел од организацијата. Исто така, беше истакнато дека и покрај тоа што СДСМ презентирал во т.н. бомби три разговори за овој настан СЈО пред судот доставил само два разговори и тоа едниот не е ист од аспект на времетраењето, што уште еднаш потврдува дека аудиозаписите се модификувани.

Во своите излагања останатите двајца обвинети истакнаа дека на настанот присуствувале по повикот на владиката Агатангел и здружението „Веритас“ и целосно отфрлија дека имало партиска организираност на настанот и посочија дека пред општината имало група провокатори предводени од адвокатот Миодраг Вучиќ, кој тогаш бил истакнат член на СДСМ.

Во продолженние на исказот Јанакиески истакна дека не ми е познато дали некој имал бизнис интерес во рамките на ДУП-овите кои биле предмет на укинување на плановите и повика ако имало некој таков, Обвинителството точно да утврди за кого се работи и под итно да го гони.

Тројца од обвинетите во денешните искази направија паралела меѓу случувањата пред општна Центар и Шарена револуција. Според нивните искази, единствениот кој се гонеше кривично добил ослободителна пресуда и покрај тоа што во Шарената револуција имаше повредено десетици полицајци и штетата се броеше во милионски суми. Тие ги спомнаа и протестите пред Град Скопје предводени од Мирослав Шиповиќ, кои по обем и штета соодветствуваа на протестите пред општина Центар. И таму беа искршени прозорци, но во овој случај обвинителството го повлече обвинението против Шиповиќ и на крај се направи паралела со последната пресуда за градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, кој за признаено насилство доби само опомена.

На денешното рочиште СЈО немаше суштински прашања, што остава впечаток дека или обвинителството го изгубило интересот за овој предмет или пресудата е договорена и се чека да заврши судењето.

Следното рочиште ќе се одржи на 31 јануари 2019 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.