Од академската 2021-2022 година Министерството за образование и наука првпат воведува стипендии за докторски студии во државата, со што се излегува во пресрет на потребите и барањата за економско олеснување на оние кои одлучуваат да продолжат на трет циклус на студии на домашните високообразовни установи. Конкурсот е веќе објавен и може да се погледне на следниот линк, објави МОН.

Согласно направената измена на програмата за научно – истражувачка дејност на МОН, воведени се 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од научно подрачје природно – математички науки (поле биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) и технички технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство), со месечна стипендија од 18.000 денари за дванаесет месеци во годината.

Инаку, оваа година МОН значително ја менува политиката на стипендирање на ученици и студенти, воведувајќи неколку нови категории на стипендии, а воедно зголемени се и месечните износи на дел од постојните кои досега се доделуваа, со цел да бидат опфатени повеќе млади лица, но и вистински да ја почувствуваат поддршката која ја обезбедува државата за олеснување на процесот на образование.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.