Покрај промената на името, услов за Македонија да добие датум за старт на преговори со Европската унија стана и откажување од македонскиот јазик, малцинството и голем дел од својата историја, тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Тој објави според неговите зборови скандалозен документ кој се крие од јавноста, а е потпишан од страна на Никола Димитров.
Николоски предупредува дека Бугарија бара големи отстапки од Македонија, што може да доведе до тоа државата да се откаже од именувањето на македонскиот народ како македонски, доколку сака да оди напред на евроинтегративниот пат.
Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на Бугарската делегација е составен дел од одлуката, а истата исто така ја приложувам содржината на овој понижувачки документ. Со ова Зоран Заев, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска влегуваат во проект за редефинирање, односно создавање на новата т.н. севереномакедонска нација и целосно откажување од се што е македонско. Ова е целосна капитулација на политиките на Зоран Заев, изјави Николоски.
Николоски вели вината не треба да ја бара кај соседите и меѓународниот фактор, туку кај погрешните политики на власта на СДСМ. Според него дошло до проценка дека Заев има цена и со него за се може лесно да се договара и да се добие се на штета на македонските национални интереси. Николоски потенцира дека огромен скандал е и што претседателот Стево Пендаровски молчи за ова.
Ова е целосно погрешно бидејќи од пред некој ден овој услов на источниот сосед стана дел и од официјалните документи на ЕУ. Претседателот на државата има ингеренции во надворешната политика. Прашањето е зошто тој со недели молчел за овој документ. Ако знаел тогаш зошто не превземал нешто. Ако не знаел тогаш зошто и кој го криел тоа од него?, прашува Николоски.
Николоски порача дека како држава итно е неопходно да се создаде заеднички усогласена надворешна полити, како и стратегија за национална безбедност. Тој вели овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни работи и за одбрана, како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија и од која влада се.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.