Обединетата македонска дијаспора (ОМД), главна организација на македонските иселеници во САД, во писмо испратено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги повика земјите членки на ЕУ „по 16 години да ги исполнат ветувањата за пристапување на Македонија во ЕУ“.
Писмото е испратено во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ утре на кој ќе се одлучува за стартот на преговорите со двете земји. Одлуката се уште е неизвесна по најавите дека процесот може да го блокира Бугарија.
Преземајќи го овој важен чекор, земјите-членки ќе обезбедат вредностите на Слобода, Рамноправност и Братство да одекнуваат од Бретања до Црното Море, се вели во обраќањето на ОМД.
ОМД ја оценува како „охрабрувачки знак и ја поздравува поддршката дадена од американскиот Стејт департмент за евроинтеграцијата на Албанија и Македонија да продолжи без одлагање“.
Време е Македонија да се најде цврсто внатре во семејството на ЕУ како значаен фактор за понатамошна стабилизација во Југоисточна Европа, коментира претседателот на ОМД, Мето Колоски.
Копретседателот Стојан Николов истакна дека „покрај повеќето постигнати голови за време на европското фудбалско првенство Euro 2020 овој месец, ЕУ има посебна можност да постигне историски гол во правењето чекор напред со одобрување на пристапните преговори за Македонија. Членството на нашата земја во ЕУ ќе биде втор од двата клуча за решавање на вековното „македонско прашање“, а првиот клуч е членството во НАТО, постигнато во март 2020 година, со договор и охрабрување на огромното мнозинство на земји-членки на ЕУ, како и САД и Канада“.
Во писмото се истакнува и дека гаранцијата дека земјите во Југоисточна Европа ќе останат на патот на евроинтеграцијата и полноправно членоство ќе биде важен чекор за да се осигура дека ЕУ нема да биде поткопана од внатрешен конфликт или судир и закана по безбедноста внатре или долж нејзините граници, како од страна на Русија, така од страна и на кампањата за влијание на Кина.
Проширувањето на стабилноста во Југоисточна Европа со додавање на Албанија и Македонија ќе им помогне на овие земји да останат на зацртаниот курс, со тоа што ќе се направат демократските и општествените реформи неопходни за нивниот иден успех и за намалување на криминалот. Зајакнувањето на одбранбениот чадор обезбеден од членството во НАТО со управните и судските реформи што одат со членството во ЕУ, како и придобивките од финансирањето на инфраструктурата од ЕУ-фондовите, ќе ги обезбедат многу потребните столбови за поддршка на овие земји и ќе ги подготват да придонесат за споделување на товарот на европската иднина. Заедно, членството во НАТО и ЕУ ќе обезбеди овие земји да бидат заштитени од руско мешање во демократскте процеси, како што веќе се случи неколкупати во регионот, се вели во писмото до Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел.
Разочарувачки е да се слушнат одгласите од далечното минато како повторно одекнуваат низ целиот регион. Историски гледано, Македонија е „јаболко на раздорот“ за соседните држави. Тажно е што една земја-членка, Бугарија, го користи своето вето за да ги блокира легитимните аспирации на Македонија за членство во ЕУ во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот и малцинските права. Процедуралното вето што го блокира патот кон европската интеграција треба да биде минато. Да се прифати присилното наметнување на етно-национални наративи на соседна држава значи да се поткопа самата стабилност што ЕУ сака да ја создаде, велат Колоски и Николов.
Додаваат дека „ниту една нација не платила повисока цена или не била подолго на пат за интеграција во евроатлантските структури, и покрај подготвеноста утврдена со години наназад за влез во НАТО и ЕУ, како што потврдија обете организации.
Имајќи ги предвид предизвиците во Југоисточна Европа за градење влади со учество на етнички малцинства, жално е што не се стори повеќе од партнерите надвор од регионот за да се негуваат и да се поддржуваат последователните македонски влади и да се спречи надворешните сили да ги поткопуваат овие влади. Со децении, функционира влада со значително учество на партии од етнички Албанци. Македонија, исто така, ги промовира своите избори со употреба на шест јазици: македонски, албански, српски, турски, ромски и влашки – уште еден пример за нејзино промовирање демократија и етничката различност, што е пример за регионот.
Понатаму, се додава дека „Македонија не е „далечна земја за која малку се знае“. Сите нејзини соседи се членки или аспиранти на ЕУ. Архивите на министерствата за надворешни работи на земјите во ЕУ се полни со дипломатско известување за периодот на османлиите кога се водела борба за македонските права и слободи. Заради иден мир и достоинство, европските метрополи не смеат да замижуваат пред исклучувачките политики базирани на етничка основа во регионот. Која е поуката од зголемениот број на нелиберални влади кои го коиста шовинизмот за унапредување на краткорочните политички цели и поткопување на демократските норми“?
Водечките европски влади мора да дејствуваат за да ја обезбедат историската мисија на ЕУ за демократски вредности во нејзините граници, и тоа да се постигне што е можно брзо, вклучително и во Западен Балкан, а тоа ќе значи дека плуралистичките вредности нема да бидат заменети со реваншизам и шовинизам, велат авторите на писмото.
Со договар за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија, министрите на ЕУ би презеле историски важни чекори во обезбедувањето трајна стабилност на Југоисточна Европа, наспроти зголемените закани по плуралистичките општества и зајакнувањето на својот авторитет како бранител на човековите права низ целиот свет, се вели во писмото на ОМД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.