Пред два дена во Собранието не се усвои амандманот за промена на загадувачкиот начин на загревање на здравствените установи во најзагадените градови во земјава. „О2 иницијативата“ информираше дека гласовите против, на СДСМ, ДУИ и БЕСА биле 8, за два повеќе од оние кои гласале „за“, односно четири гласа на ВМРО ДПМНЕ, еден од ГРОМ и еден од Алијанса за Албанците.
Од иницијативата велат „сакаат да веруваат“ дека амандманот, што инаку го застапуваа пратеничките Гордана Силјановска Давкова и Велика Стојкова Серафимовска, не поминал заради тоа што „оние кои гласаа против, не биле добро информирани“.
Упатуваме јавен повик до нив и до министерот за финансии Фатмир Бесими да го постават повторно комисиски овој амандман и да го усвојат. Ако изминативе 10 години, секоја година се вложувале по 400,000 евра, сега ниту една болница во земјава немаше да користи мазут/нафта. Изминативе 5 години само 2 болници го променија начинот на греење, најава за други нема, реагираат од „О2 иницијатива“ на социјалните мрежи.
Инаку, со амандманот се бараат 3 милиони евра да се наменат за промена на загадувачкиот начин на греење со мазут/нафта на здравствени и образовни установи во најзагадените градови во земјава. Активистите се убедени дека со овие средства може да се промени начинот на греење на 12 болници во земјава, во Скопје: детската болница во Козле, рехабилитација во Капиштец, геријатрија во Ѓорче Петров, психијатрија во Бардовци, општите болници во Куманово, Битола, Тетово, Прилеп, Гостивар, Кавадарци, Велес, Кичево и други установи.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, повторуваше дека средства за оваа намена има во Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Но кога ќе се погледне, не се наоѓаат: вкупните средства за овој проект се 25 милиони евра, заем од Светска банка од април годинава; за општините се одвоија 10.5 милиони евра (јавен повик во мај годинава); дел од средствата се наменети за техничка помош за формирање Фонд за енергетска ефикасност и почетен капитал (нема податоци за сумите); за јавните здравствени установи предвидени со овој проект, министерот Филипче во мај изјави дека со средства од овој проект ќе се постават енергетски ефикасни кровови, фасади, нови прозорци, врати и делумно уредување на внатрешноста во здравствените домови во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Св. Николе, Поликлиника Идадија во Здравствен дом во Скопје, Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле во Скопје, на терциерно ниво УК за психијатрија, во Здравствениот дом во Штип како и во повеќе здравствени институции, станици коишто се дел од здравствените домови, во село Карбинци, село Пештани, село Белчишта, село Бучин, село Герман, село Ранковце, село Зрновци, село Блатец и село Извор; пари за промена на греењето со мазут/нафта на болниците во загадените градови на државава НЕМА! – се вели во деталната иницијатива на „О2“.
Дали Бесими ќе одговори на апелот од активистите, до овој момент нема одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.