Директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола Билјана Гагачовска денеска даде целосна слика за хоспитализираниот пациент, за кој синоќа добивле потврда дека е позитивен на Ковид-19.

Во болницата беше хоспитализиран пациент, битолчанец со симптоматологија од психијатриско потекло. При влезот во болницата кај пациентот не беше регистрирана зголемена телесна температура и првично беше хоспитализиран во психијатриското одделение заради згрченост на мускулите, а по извршен лекарски преглед и анализи, пациентот заради сложена здравствена состојба беше префрлен во Интерно одделение и во посебно изолирана болничка соба. Контакт со пациентот имаа еден лекар, четири медицински сестри и еден болничар. На 11 април беше земен тест од пациентот за проверка, а доцна синоќа стигна резултат дека пациентот е позитивен на Ковид-19. Од синоќа пациентот е во Инфективното одделение при Клиничка болница-Битола и е во добра општа здравствена состојба, изјави Гагачовска.

Од Клиничка болница-Битола информираа дека со работата на синоќешната лекарска екипа воедно заврши ротацијата од 14 дена активна работа, а денеска почна со работа втора екипа која во изминатите 14 денови беше дома, односно не доаѓаше на работа.

Во моментов под медицински надзор се лекарите кои имаа контакт со пациентот во ургентна медицина, лекарскиот тим што го третираше пациентот на психијатриското одделение и лекарскиот тим што имаше контакт со пациентот во интерно одделение, потврди Гагачовска.

На Инфективно одделение во болницата, како што беше истакнато, покрај пациентот кој синоќа беше сместен, се лекуваат и осум други пациенти и сите се стабилни.

Директорката ги демантираше и осуди информациите на социјалните мрежи во врска со третманот на пациенти и начинот на справување со Ковид-19, кои според Гагачовска се со цел да се шири паника и собираат политички поени.

За жал, изјави Гагачовска, некои од колегите социјалните мрежи ги гледаат како поле од кое треба да добијат аплаузи врз грбот на професијата што ја одбрале и да ја погазат заклетвата која ја дале, наспроти примарната улога за справување со пандемијата.

Жално и срамно е да се собираат политички поени врз грбот на здравствените работници кои во овој момент пожртвувано работаат, рече таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.