Програмите со кои на овие избори настапувава ВМРО-ДПМНЕ се викаат „Гарантираме“, за содржат 14 835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот, рече вечерва во Охрид претседателот на партијата Христијан Мицкоски на претставувањето на кандодатот за градоначалник на Охрид Кирил Пецаков и на неговата изборна програма.

Мицкоски вети дека Охрид и неговиот развој ќе бидат едни од највисоките приоритети во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Охрид заслужува иднина, полна со позитивна енергија, успеси, резултати, развој, напредок, Охрид и охриѓани заслужуваат сите ние да засукаме ракави и да докажеме дека знаеме да го цениме тоа што е Охрид за нашата држава, рече Мицкоски, кој лично смета дека Охрид досега бил запоставен од сите власти.

Охрид има свои проблеми, не само како одраз на неспособната политика на централната власт туку и заради калкулациите и недоволното работење на градоначалникот и продолжување на една традиција на лошо и корумпирано работење кое носи само осиромашување на народот, нервози, раселување на младите од Охрид, и немање перспектива.

Тој ја презентира програмата на Пецаков заснована на трите столбови 3П, за кој гарантира дека ќе се реализира и дека ќе донесе сосема нова енергија во Охрид.

Во Охрид ќе направиме реконструкција на плоштадот Крушевска Република, ревитализација на Студенчишко Блато, велосипедска патека Охрид – Свети Стефан, Реконструкција на булеварот „Македонски просветители“, нов парк и проширување на зелената зона на потегот од споменикот на Ден Долард до каналот Студеншишта, изградба на ново современо основно училиште, катна гаража кај градскиот пазар, нова спортска сала во Лескоец, нови мултифункционални спортски игралишта низ цел Охрид и многу други проекти. Нашиот кандидат за градоначалник Кирил Пецаков е одличен и сите го познавате. Знае да е тврд и да се бори за својот град, но знае и да сослуша и да прифати кога некој различно но исправно размислува и е одличен кадар, со јасна визија, за развој на градот, и заедно со вас, ќе биде моторот на развојот на Охрид. Охрид кој ќе биде навистина општина за сите, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.