Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатира дека во интервјуто на новинарот Сашо Орданоски со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, емитувано сношти на 1ТВ, не биле испочитувани професионалните стандарди.
Првичните наоди од надзорот на Агенцијата укажуваат дека во делови од интервјуто новинарот ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пишува во соопштението на Агенцијата испратено до медиумите.
Извештајот од надзорот ќе биде објавен на веб страницата и доставен до Советот на Агенцијата, а во меѓувреме, регулаторното тело нагласува дека професионалното работење на медиумите подразбира почитување на сите начела за вршење на дејноста кои се потпираат на новинарските стандарди.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) смета дека се прекршени сите правила на професионално однесување и известување, како и сите етички норми во Кодексот за известување, пропишани од новинарските здруженија во синоќешната емисија “Печат на неделата” на уредникот и водител Сашо Орданоски на 1ТВ, во која гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Новинарот има право слободно да се изразува и има право на изразување лични ставови во форма на несогласување согласно Член 11 од законот за медиуми. Но, агресивното и скандалозно бранење на политички ставови, истовремено проследено со обвинувања и дискриминација заради поинакви политички уверувања, прекршување на начелата за почитување на достоинството на личноста, пресумпција на невиноста, објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења е спротивно на Член 48 и Член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги. Затоа, МАН ја повикува Агенцијата за аудиовузулени и медиумски услуги да го разгледа овој случај и да ги преземе сите мерки кон 1ТВ, велат од МАН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.