На покана на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска е во работна посета на Хрватска, на филозофските факултети на универзитетите во Загреб и во Риека – два универзитетски центри на коишто со одделни лекторати се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Работната посета е организирана по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, а со цел и да се отворат нови перспективи за македонистиката на хрватските универзитети.

Како што соопшти МСМЈЛК, лекторатот во Загреб е еден од најстарите лекторати по македонски јазик во светот и активно работи повеќе од пет децении, додека лекторатот во Риека, иако е најнов, отворен во 2008 година, со силна заложба на академик Горан Калоѓера, во моментот е лекторат со најмногу студенти што го изучуваат македонскиот јазик и прераснува во силен македонистички центар.

Остварените резултати во изминатите години создаваат и нови можности за изучување и промоција на македонскиот јазик, литература и култура, со заложби на МСМЈЛК при УКИМ. Во таа насока ќе се водат и дел од разговорите во рамките на работната посета на Мојсова-Чепишевска. На Одделот за јужнословенски јазици и книжевности при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб, Мојсова-Чепишевска денеска ќе одржи предавање на тема „Необичната обичност на великиот Конески“. Со ова предавање на директорката на МСМЈЛК, за коешто веќе е искажан голем интерес на овој значаен универзитетски центар, продолжуваат активностите за одбележување на големиот јубилеј, 100 години Конески – информира МСМЈЛК.

Домаќин на Мојсова-Чепишевска на Филозофскиот факултет во Загреб ќе биде проф. д-р Ивица Баковиќ, професор по македонска книжевност и култура, а сега и раководител на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности. Во текот на денот, покрај предавањето, во Загреб ќе се разменат мислења, идеи и ќе се конципираат планови за натамошни активности за натамошниот влог во македонистиката во Загреб.

Мојсова-Чепишевска утре ќе оствари работна посета на Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека, при што ќе има работен состанок и со деканот на Факултетот, проф. д-р Александар Мијатовиќ.

На состанокот, фокусот ќе биде на натамошните уште подинамични активности на најбројниот лекторат по македонистика во светот, но и воопшто на продлабочување на македонско-хрватските книжевни и културни врски, преку содејство на македонската и хрватската наука. На состанокот ќе учествуваат и академик Горан Калоѓера, основач на Лекторатот, раководителот на Отсекот за кроатистика, проф. д-р Дејан Дуриќ и лекторот по македонски јазик на Факултетот, м-р Биљана Стојановска.

 

Во насока на продлабочување на македонско-хрватските книжевни и културни врски, преку содејство на македонската и хрватската наука, Мојсова-Чепишевска ќе оствари средба и со професори од Отсекот за кроатистика, предводен од проф. д-р Дуриќ, којшто заедно со деканот Мијатовиќ е нејзин домаќин во Риека.

 

На средбата е најавено учество на десетина професори, меѓу коишто се и дел од најистакнатите кроатисти – активни учесници во хрватскиот научен живот, коишто со своите заложби можат да дадат дополнителен, исклучително важен придонес за промоцијата на македонскиот јазик, книжевност и култура во Хрватска, но и за натамошно развивање на врските меѓу македонската и хрватската наука и култура – наведува МСМЈЛК во соопштението.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ во Риека ќе оствари состанок и со раководството на Македонското културно друштво „Илинден“, имајќи ги предвид големите заложби на македонските иселеници во Хрватска за промоција на македонскиот јазик, литература и култура.

Работната посета на Мојсова-Чепишевска на Хрватска се остварува на иницијатива на директорката на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, со поддршка од Амбасадата на земјава во Хрватска и амбасадорот Милаим Фетаи, како и со поддршка од Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.