Претседателот на Собранието Талат Џафери утре на собраниска седница ќе ја констатира оставката што денеска треба да ја поднесе премиерот Зоран Заев. Висок функционер од Владата за „Слободен печат“ брифира дека лидерот на СДСМ и иден мандатар Димитар Ковачевски до 10 јануари ќе ги достави до Собранието програмата и новиот владин кабинет, а изборот на владата се најавува да биде на 17 јануари.
Заев оставката нема да ја депонира лично туку до Собранието ќе ја испрати по курир.
Џафери на собраниската седница, освен оставката на Заев, ќе ја констатира и оставката на потпретседателот на Собранието Фадил Зендели од опозициската Беса. По ова, Џафери ќе ја затвори седницата и пратеничките прашања нема да се одржат бидејќи по оставката на премиерот во оставка е и целата влада.
Од утре почнуваат да течат уставните рокови, според кои шефот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатар ќе биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој во рок од 20 дена е должен да му поднесе на Собранието програма за работа и состав на новата влада. Но според информациите, се очекува целата постапка да се забрза и Македонија да добие нова влада предводена од Ковачевски веќе на 17 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.