Норвешкиот воен аташе во Македонија потполковник Егил Далтвеит упати демант на изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, дека македонскиот медицински тим кој е испратен во воената мисија во Авганистан не бил стручен и подготвен. Изјавата следуваше откако во февруари повеќе медиуми објавија извештај произлезен од мисијата дека тимот во Авганистан бил оценет од страна на норвешки доктор кој заклучил дека хирургот што АРМ го испратила во Авганистан нема „основни хируршки вештини кои не можат да се научат за три дена“, како и дека други членови на тимот покажуваат слабости во работата. Стојаноски оваа вест ја пренесе во македонското Собрание.

Потполковник Далтвеит остро демантира дека македонскиот тим во Кабул не бил стручен и подготвен за задачата.

– На 11 септември 2020 година министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генерал Васко Ѓурчиновски заедно побараа од мене Кралството Норвешка да обучи македонски хируршки тим и да го интегрира во норвешката полска болница во Кабул. Норвешка го прифати ова и тимот пристигна на обука во Норвешка на 15 јануари и се распореди во Авганистан во март.. Природно е дека тимот кој беше регрутиран за да се постави основа за полски хируршки тим на вооружените сили на (Северна) Македонија нема да биде 100 проценти подготвен на почетокот на обуката. Ниту норвешкиот тим не беше подготвен. Обуката беше спроведена од здружената медицинска служба на норвешките воени сили и нивната методологија и квалитет на обука се на ниво што многу поголеми земји членки на НАТО како САД испраќаат свои тимови на обука во Норвешка. Накусо, тие беа обучени од водечки експерти за оперирање на трауматски повреди во светот. Норвешкиот тим со кој тие ќе бидат распоредени се медицински професионалци од светски ранг. Ние ги притискавме вашите мажи и жени еднакво строго како што ги обучуваме и нашите мажи и жени и им дадовме еднакви привилегии, вклучително и вакцини против Ковид-19.. За време на обуката немаше никакви формални забелешки или извештаи подготвени од норвешка страна против членовите на македонскиот тим. За време на обуката секако од страна на двата тима и од поединци беа утврдени бројни области во кои може да има подобрување. Утврдивме дека членовите на вашиот тим го прифатија ова многу сериозно и работеа напорно да ги постигнат светските стандарди на кои нивните обучувачи инсистираа, вели потполковникот.

Норвешкиот потполковник вели дека заедно со раководството на ВМРО-ДПМНЕ побарал извинување од пратеникот Стојаноски и добил мејл порака во која се укажува дека тврдењето произлегло од медиумите и се изразува жалење доколку се навредени чувствата на потполковникот. Далтвеит вели дека не бара извинување за неговите чувства туку во име на војниците, како и Норвешка и норвешката армија.

Во писмото на Далтвеит се додава дека македонскиот тим учествува во редовна ротација со други два тима во норвешката болница во Кабул, секој трет ден е примарниот тим и веќе извршил низа успешни операции. Воедно се додава дека норвешката мисија во Авганистан е бројна и има голем контингент специјалци, кои секојдневно ги ризикуваат животите, при што македонскиот хируршки тим им помага во исполнување на задачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.