Лидерите не државите и владите на Европската Унија денес ги усвоија заклучоците од декемврискиот Европски совет. Во нив воопшто не се спомнува проширувањето на Унијата.
Во заклучоците се наведени одредби за Ковид епидемијата, за миграцијата, политичката состојба во Белорусија, за Украина, па дури и за Етиопија, но ниту збор за Македонија и остатокот од Балканот.
Самитот не е целосен неуспех за балканските земји, откако на Србија ѝ беше дозволено да одмрзне дел од преговорите. Но, Македонија, а со нас и Албанија, останаа блокирани поради бугарското вето.
Наспроти очекувањата дека поумерениот новоименуван премиер на Бугарија Кирил Петков ќе ја претставува земјата во Брисел, на негово место беше испратен претседателот Румен Радев. Тој ги отфрли сите можности Бугарија да го смени ставот кон Македонија. Напротив, во интервју за Еурактив, за бугарскиот новинар и националист Георги Готев, кое беше дадено на англиски и со тоа наменето на европската публика, претседателот Радев наведе дека Македонија ќе мора да го смени Уставот и да ја спомне и бугарската заедница во преамбулата. Претседателот Радев воедно ја обвини Македонија за кршење на правата на Бугарите во Македонија и за „фалсификување на бугарската историја“.
Со ова, надежите дека некаков напредок може да се случи под словенечкото претседателство пропаднаа. Следната земја претседавач на ЕУ е Франција, која го презема кормилото во за неа изборна година, поради што не може да се очекува посветеност на македонско-бугарскиот спор во следните шест месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.