Сопругата на рекетираниот бизнисмен Орце Камчев, Ана Камчева, денес во Основниот суд Скопје 1 сведочи на рочиште за предметот Рекет, кој ОЈО го води против Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13, откако третообвинетиот Зоран Милески призна вина и беше осуден на 3 години затворска казна.

На денешното рочиште сопругата на Камчев раскажа за една од средбите со обвинителката во случајот „Империја“, за кој Камчев беше притворен, Лиле Стефанова, која на адвокатот на Камчеви, Антонио Апостолски, му се обратила со зборовите:

Ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене, само треба да знаеш кога е кај тебе и да знаеш како да ја искористиш.

Орцен Камчев за обвинителката Стефанова изјави дека гаранцијата за да му биде укинат притворот од 14 милиони евра му била одбиена, според него, за да може да го уценуваат т.е. „за да може Јанева и Стефанова да глодаат како хиени“.

Според Камчев, Империја е случај измислен токму за да бидат рекетирани учесниците во него. Тој по рочиштето на кое истакна дека „на обвинителната клупа фалат уште многу луѓе, уште еднаш повика на одговорност од обвинителката Стефанова.

Сам сум слушал како таа (Катица Јанева, н.з.) давала наредби на Лиле Стефанова кои биле противзаконски. Зошто Лиле Стефанова не ја пријавила Катица Јанева кај Љубомир Јовески и зошто не го почитувала Законот за обвинителство? Ајде објаснете ми, доколку тие наредби на Катица Јанева биле противзаконски и ја присилувала Лиле Стефанова да го прави тоа што го правеше, зошто таа не ја пријавила до надлежниот обвинител дека имала притисок од Катица Јанева, рече Камчев и најави тужба против Лиле Стефанова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.