Воведуваме нов систем и нова целосна трансформација на општеството, ставаме ред во многу сегменти во општеството, ја враќаме довербата на граѓаните во институциите, изјави заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресури, Љупчо Николовски, во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител. Вицепремиерот Николовски посочи дека се подготвува уште една мерка како дополнување на усвоениот План за борба против корупција, а која се однесува на проширување на опсегот на лицата кои ќе треба да поднесуваат анкетни листови до ДКСК и изјави за судир на интереси. Конкретно оваа мерка ќе се однесува на раководните структури во администрацијата, во министерствата како што се раководители на сектори, раководители со посебни овластувања, посебни категории на институции како што се инспекторите, сите царински работници, сите вработени во УЈП.
„Во моментот изјави за состојба со имотот и изјава за судир на интереси даваат избрани или именувани лица и функционери, но сега со измените кои се предвидуваат, а врз база на компаративни анализи, и раководните структури во институциите, како инспектори, царински работници, вработени во Агенција за катастар, во УЈП, секаде каде граѓаните остваруваат права, а е можна корупција, постои ризик, и тие да имаат обврска да поднесуваат изјави за имотната состојба. Да знаеме дали некој од катастар има тесна соработка со некое приватно биро за катастар, дали некој инспектор има своја сопствена фирма, да ги пријават акциите, уделите во фирми, имотот.Сметаме дека треба да се следи и нивната состојба и со тоа да придонесеме да се намали корупцијата, за која треба широк опсег и многу мерки“, рече вицепремиерот Николовски.
Како дополнување на мерките за ограничување на службените трошоци, вицепремиерот Николовски изјави дека освен последната одлука за ограничување на трошоците за угостителски услуги за работни состаноци во угостителски објекти, којашто важи за сите државни функционери, во подготовка е и регистар за користење на службените возила.
„Воспоставуваме регистар на службени возила за да имаме контрола и врз користењето на тие автомобили, да знаеме кој, како, и какво право имаат лицата кои ги возат и ги користат. Возилата не може да се носат дома, ниту кај функционерот, ниту кај возачот. Со ова сакаме да покажеме дека можеме да имаме ред, да имаме дисциплина, да ја средиме државата, со силни институции, за да можеме да ја развиваме“, изјави вицепремиерот Николовски.
Во интервјуто, вицепремиерот Николовски посочи дека помина времето кога институциите не можеа ниту имиња да спомнат на функционер, а не да влезат во други институции и да истражуваат Додаде дека борбата против корупцијата и криминалот е непоколеблива, институциите се должни да постапуваат, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, без оглед за кого станува збор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.