Подготвени сме со механизми, со дополнителни средства да им помогнеме на земјоделците, на компаниите во овие кризни времиња, за да ги анулираат трошоците од растот на цените, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Министерот Николовски во денешното гостување во емисијата „Аграр“ посочи дека на следната владина седница ќе биде предложена новата Програма за интервентен фонд со која се планирани 250 милиони денари за интервентни мерки.
Оваа година е прва година во којашто имаме посебна Програма за интервенентен фонд, надвор од директните плаќања и руралниот развој, 250 милиони денари се внесени во овој фонд кој ќе се состои од мерки што ќе значат поддршка и за сточарството и за растителното производство односно поддршка за житните култури. Имавме средби со одгледувачите на свињи, на овци со посекторската група за житни култури во МЗШВ, се со цел да детектираме што е тоа што треба да го поддржиме. За набавка на вештачки ѓубрива ќе добијат 20 отсто поддршка од државата, за да го ублажиме растот на цените. Само за подмерката за субвенционирање на ѓубривата се предвидени 120 милиони денари. Другите две мерки се однесуваат за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет за што субвенцијата е 400 денари и 1.500 за предадени гоенци во кланичен капацитет. Земјоделците треба да ги чуваат сметките од овој период, компаниите фактурите, изјави Николовски.
При тоа министерот Николовски информира дека ова година поради растот на цената на нафтата било направено дополнително усогласување, со што износот на поддршката за мерката зелена нафта се зголемил за 13 проценти, а дополнитено со измените на Законот за земјоделство и рурален развој што е во собраниска процедура, поддршката за оваа мерка се зголемува на 70 отсто и следната година на 100 проценти.
Во однос на состојбата со пченица, Николовски повика на смиреност и изјави дека мелничарите имаат залихи, а производството на домашна пченица бележи пораст.
Во 2017 година производството било 195 илјади тони, а во 2021 година е 253 илјади тони. Тоа е зголемено домашно производство, зголемени приноси. Имаме намалување на увозот на пченица од 87 илјади тони во 2017 година на 74 илјади тони во 2021 година. Кај јачменот од увоз на 15 илјади тони во 2017 година сега имаме 950 тона. Ние сме секогаш во постојана комуникација со сите ресорни министерства од регинот, и иницијативата Отворен Балкан ни овозможува да разменуваме информации на дневно ниво, ќе имаме министерски состанок набрзо за да договориме идни политики и меѓусебно да се поддржуваме, потенцира министерот, посочувајќи го како позитивен пример договорното производство со сончогледот, што довело и до зголемување на површините со оваа култура.
Вели дека првпат оваа година Програмата за финансиска поддршка во земјоделтвото е усогласена со европските директиви, со што се воведува авансна исплата на субвенциите годинава како пилот мерка за овоштарите, а од следната година за сите земјоделски гранки.
Во делот на новата ИПАРД 3 програма, тој најави дека се очекува за 60 проценти да биде зголемен буџетот. Првиот повик за ИПАРД 3 се очекува да се објави во последниот квартал од годината, со буџет од околу 35 милиони евра и нови акредитирани мерки за поддршка на земјоделството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.